Министерството за култура ги кастри финансиите за културните институции и манифестации во Охрид
Министерството за култура ги кастри финансиите за културните институции и манифестации во Охрид. Фестивалот Охридско лето доби помалку средства за годинешната програма за скоро половина од бараниот износ. Помалку пари се предвидени и за Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“ не доби финансиска поддршка.
Министерството за култура ги кастри финансиите за културните установи и манифестации во Охрид.
Националната установа фестивал „Охридско лето“ наместо 53 милиони денари, колку што побарала од Министерството за култура, ќе добие 23 милиони денари или околу 374 илјади евра. Толку е предвидено со
Програмата за културно уметнички манифестации за 2018 година, што деновиве јавно ја презентираше министерот за култура Роберт Алаѓозоски. Се очекува во нареднот период фестивалот да ја објави програмата за 58-то издание кое ќе се одржи во вообичаениот термин од 12 јули до 20 август. Од Охридско лето велат дека и со овие добиени средства ќе се организира квалитетна програма.
Помалку пари доби и НУ Центар за култура „ Григор Прличев“ за организирање на Балкански фестивал на народни песни и игри. Од бараните 1.800.000 денари министерството одобрило 800.000 денари.
Јубилејното 30 -то издание на „ Поетската ноќ во Велестово“ пак, не е поддржано од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2018 година. Оваа одлука на ресорното министерство предизвика разочарување кај Управниот одбор што во пресрет на јубилејното издание оваа манифестација потполно е изоставена од поддршка од Министерството за култура. Очекуваат образложение од министерството за ваквата одлука. Во соопштението испратено до јавноста нагласуваат дека ова е во потполна спротивност од она што го најавува министертвото и министерот како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели во Нацрт–стратегијата. Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата, која континуирано се одржува веќе 30 години. Ова е несоодветен третман кон една манифестација која во својата долгогодишна традиција ги претставила сите значајни поетски имиња од Македонија, сликари, скулптори, фотографи.
„Поетската ноќ во Велестово“ е интернационална поетска манифестација преку која биле претставени и бројни светски познати имиња, објавени се избори од творештвото на бројни поети, редица антологии на одделни национални книжевности, стои во реакцијата на Управниот одбор на „Поетската ноќ во Велестово“.