Проодни патните правци кон Охрид по водениот снег кој наврна синоќа
Проодни патните правци кон Охрид по водениот снег кој наврна синоќа. Непроодни патиштата кои водат до планинските села кон Дебрца. Обилниот влажен снег во охридско и Дебрца остави повеќе планински села и без струја. Од ЕВН ги одстрануваат дефектите. Вработените од јавните претпријатија до утринските часови работеле на расчистување на снегот за нормално функционирање на патните правци. Од итната медицинска помош информираат дека функционирале без проблеми.
Паднати бандери, електрични кабли и дрва од кабелските оператори е епилогот од синоќешните снежни врнежи кои паѓаа во охридскиот регион и во Дебрца. Влажниот снег направи краткотраен прекин во патниот сообраќај и прекин во напојувањето со електрична струја во планинските населени места. Сеуште без струја се села во Дебрца и во охридско. Без струја се селата Опеница, Куратица, Завој,Речица, Свиништа, Ливоишта, Вапила, информираат од ЕВН Македонија.
„ Во моментов се работи на одстранување на дефектите и во Мешишта, Песочан, Арбиново, Требеништа, Оровник , Подмоље. Влажниот снег се лепи на проводниците и ги претвора во ледени гредички кој лесно ги кинат проводниците. Најчесто проблем се проводниците и паднатите столбови“ , информира Ковачески кој кажува дека компанијата ги активирала сите расположливи материјални и човечки ресурси за да го нормализираат електричното снабдување во сите населни места.
Од општинскиот кризен штаб информираат дека се санирани сите оштетувања во Охрид предизвикани од синоќешниот снег. За нормално функционирање на сообраќајот во општина Охрид биле ангажирани сите расположливи ресурси и 60-тина вработени од јавните општински претпријатија.
„ Службите на од ЈП Комуналец, Проаква, Нискоградба и противпожарната единица беа вклучени. Вработените во охридски Комуналец цела ноќ останаа на работните места и ги санираа оштетувањата и ги чистеа патните правци кон Коњско и Елшани. Со машини се чистеше снегот и се посипуваше сол и чакал“, информира Томе Нанески од општинскиот кризен штаб.
Екипи на Охридски Комуналец од утринава па во текот на денот продолжија со расчистување на тротоарите и коловозите низ градот.Од итната медицинска помош информираат дека нивните екипи функционирале без проблем.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека по синоќешните снежни врнежи состојбата се нормализира. Патната инфраструктура се расчистува, а преостанува до крајот на денот да се исчистат патишата кои водат кон планинските села Црвена вода, Мраморец, Турие , Врбјани.
„ Патната инфраструктура магистарлните, регионачните и локалните патни правци се во функција без ограничување и забрани. Електричното снабдување кон Љубаништа и Косел е отежнато и во прекин. Екипите на ЕВН работат за да го нормализираат електричнто снабдување“, посочува Темелкоски.
Во врска со синоќешните прекини во особраќајот на двата патни правци кон Охрид, Темелкоски информира дека два часа имало прекин во сообраќајот кај Буково заради непочитување на забраната за движење на тешки моторни возила, а на патниот правец Охрид – Кичево, кај Ботун краткотраен прекин за движење на возилата имало заради паднати дрва.