Денес се е во знакот на црвената боја
Денес се е во знакот на црвената боја. Се слават Св.Трифун и Св.Валентин. Свети Трифун е и заштитник на лозјето и на овошките па лозарите ги посетуваат своите лозја и ги зарежуваат сеуште незапупените гранчиња. Вљубените пак го слават Св. Валентин со пригодни подароци кои асоцираат на љубов.
Денес се слават Св.Трифун и Св.Валентин и се е во знакот на црвената боја. Со црвено вино и црвени срцa се одбележуваат овие два празници од кои едниот е православен, а другиот католички. Некои граѓани го слават едниот, некои другиот, некои наоѓаат време и за двата празника, а некои воопшто не слават.
Свети Трифун е светецот кој во православието е познат по своите добри дела, скромност и верба во Христа. Тој е познат по чудата што ги правел. Една од приказните вели дека свети Трифун ја спасил царевата ќерка која била болна. Свети Трифун е и заштитник на лозјето и на овошките. Токму затоа на овој ден, лозарите ги посетуваат своите лозја и ги зарежуваат сеуште незапупените гранчиња. Ова се верува дека ќе донесе богат род, благо вино и дека ќе го штити лозјето од штетници и невремиња. По зарежувањето, стеблото од лозата се полива со вино и ракија од ланската берба.
Православниот народ во Македонија светиот маченик Трифун го празнува како заштитник на лозарите и овоштарите. Најпрво во православните цркви се одржуваат богослужби па се осветува вода и со неа се попрскуваат овошките а потоа се врши зарежувањето по што ќе се помолиме Господ бог да ни даде богат род и да ни ги заштити овошките, вели Отец Диме.
Денес е воедно и католичкиот свети Валентин или Денот на вљубените. Овој празник иако си има свој датум и во православието, сепак младата популација го прославува токму на 14ти Февруари. На овој ден вљубените си купуваат подароци, најчесто цвеќе, чоколада или пак убаво вино. Во последните години овој празник многу се искомерцијализира па се прават секакви маркетиншки трикови за да се наведат граѓаните да купат нешто и да одадат значење на празникот.
За жал во современиот свет во кој живееме сведоци сме дека некои празници знаат да се поместат од основата и масовните медиуми и тој маркетинг да си го направат своето и наместо вистински да ги празнуваме и чествуваме празниците да се одадеме на тој друг дел, на тој мнаркетинг кој не само што ни оневозможува туку и ни попречува правилно да ги чествуваме празниците, вели отец Диме.
Без разлика кој што претпочита да слави добро е да се празнуваат убавите работи. Важно е да се напомене дека и православието има свој ден на вљубените. 30ти Септември е денот на Света Софија-мајката на верата, љубовта и надежта.