Skip to main content

Најдобрите стрелци од охридскиот клуб ги нема во македонската репрезентација во Унгарија

Најдобрите стрелци од охридскиот клуб  ги нема во македонската репрезентација во Унгарија. Од Стрелачкиот клуб Охрид обвинуваат дека македонската стрелачка федерација  ги опструира и работи самоволно. Најдобрите охридски стрелци  во државата не добија можност да остварат квалификациска норма за престојната младинска Олимпијада.  За бројните нерегуларности кои траат подолго време во  стрелачката федерцијата ги известиле Агенцијата  за млади и спрот и Македонскиот олимписки комитет.

 |  Валентина Неловска  | 

Мартина Петровска, Анастасија Мојсоска, Јана Маркоска и Јована Милеска, најдобрите охридски јуниорки, стрелци од СК „Охрид“, не се дел од македонската репрезентација. Тие не учестуваат на квалификацискиот меѓународен натпревар во Унгарија кој трае до 26 овој месец. За Анастасија Мојсоска е пропуштен последениот квалификациски натпревар за учество на престојната младинска Олимпијада во Бразил, во октомври 2018. Тоа се должи на опструкциите од селекторот Јордан Тасески на Македонската спортска стрелачка федерација, обвинува Валентина Гоџо долгогодишен тренер на СК „Охрид “. Тренерот посочува на самоволието на Федерацијата кон охридскиот стрелачки спортски клуб кој трае со години. Гоџо кажува дека стрелците од охридскиот клуб напорно тренираат, оставруваат врвни резултати , вложуваат време и пари, но залудно бидејќи Македонската спортска стрелачка федерација ги игнорира и не работи регуларно и според Статут.

„ Во системот на натпревари ништо не се организира согласно правилата и прописите.Се одржуваат натпревари на стрелишта кои не ги исполнуваат условите, се одржува финале на стрелачки места каде што нема можност да се пука. На еден натпревар може да се јавуваат судии, тренери и стрелци. Истовремено стрелци и судии не е дозволено. Ниеден натпревар не е организиран по правило. Ние приговараме за да се знае кои се правилата, а одговор нема“, укажува Гоџо за состојбите во спортската стрелачка федерација.


Валентина Гоџо додава дека изговорот на селекторот бил дека постигантиот резултат не е пресуден за еден стрелец да се натпреварува на меѓународно првенство. Јавно го прашуваме селекторот Тасески кој е критериумот да се биде репрезентативец, прашува Гоџо. Таа кажува дека нивните стрелци во континуитет се опструирани да настапуваат на врвни натпревари и обвинува за самоволие во работата на Македонската спортска стрелачка федерација.

„ Тоа е здружение од клубови. Повеќето се фиктивни клубови кои немаат ни објекти , нити тренери, ни опрема ,а на собрание гласаат. Владее апсолутизам 11-12 години. Во сите наши намери да се организира натпревар овде, да посочиме на неправилности на натпреварите не игорираат. Ни кажуваат да се жалиме каде што сакаме и дека ништо не им можеме“, вели Гоџо.

Сепак тренерот на СК „Охрид“, Валентина Гоџо, најавува поднесување тужба против Македонската спортска стрелачка федерација , а за состојбите и низата нерегуларности во оваа спортска асоцијација веќе ги известиле Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот Олимписки Комитет.
Охридскиот стрелачки клуб Охрид, брои 30 активни спортски стрелци кои оставруваат врвни резултати и 100 -тина рекреативци. Во 2016 на летната Олимпијада во Рио де Жанеиро, Нина Балабан беше македонската претставничка која тренираше во спортскиот СК „Охрид“.