За еден месец за вештачкиот мрест собрани над 1 милион зрна икра
Во тек е изловување на ендемскиот вид охридска пастрмка за вештачки мрест. За еден месец од почетокот на вештачкиот мрест се собрани околу 1 милион и 300 илјади икра. Загрозеноста на Охридската пастрмка како ендемичен вид и нејзимата заштита е постојана тема. Денес беше тема и за пратеничко прашање упатено до министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство.
Во водите на Охридското езеро е во тек ловот на пастрмката за вештачки мрест. Од 23 јануари до сега се уловени 1 милион и 300 илјади икра, информира Елизабета Велјаноска Сарафилоска директор на НУ Хидробиолошки завод. Таа напоменува дека ловот за вештачкиот мрест на пастрмката тече во најдобар ред. Годинава се намалени квотите за собирање икра на 1 милион и 500 илјади во споредба со минатата година кога изнесуваше 2 милиони икри. Намалена е квотата за собирање икра и за струшкиот дел за институтот Шум, од 1 милион на 500.000 зрна икра. Ловот на машки и женски единки за вештачкито мрест ќе трае до 23 март или до собирање на предвидените количини икра. Загрозеноста на Охридската пастрмка како ендемичен вид и нејзината заштита е постојана тема. Охридскиот пратеник од СДСМ, Томислав Тунтев на денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања го праша и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство за состојбите со, како што рече, уништување на ендемски видови во Охридското езеро со бесправно ловење и несоодветно порибување.
Ресорниот министер, Љупчо Николоски одговори дека овој месец е почната постапка за доделување на нова концесија во следните шест години. Тоа се прави внимателно, со вклученост на граѓаните и граѓанскиот сектор со цел да обезбедиме што поголема заштита во овој дел, рече министерот Николовски.
Тој кажа дека во рамки на уловот на риба до овој момент не е надминат како што е договорено.
Николоски ги посочи информациите за зголемување обемот на улов кој што е од страна на Република Албанија на делот од Охридското езеро од република Албанија. Кажа дека ќе преземат заеднички активности со Инспекторатот и со МВР. Министерството ќе ги преземе искоординирано сите активности заради утврдување на точната фактичка состојба, најави Николовски, а истовремено одговарајќи му на пратеникот Тунтев.
На социјалните мрежи се огласи и Дејан Паноски, Координатор на Дримскиот процес. Тој порачува:
„ Ако сте сериозно загрижени за рибниот фонд, формирајте веднаш Државно претпријатије за управување и заштита на рибниот фонд во Езерата – оддел за Охридско Езеро (одамна е ова побарано како потреба) и реактивирајте го Билатералниот Договор со Албанија од 2004 г. за да се овозможи координација и заедничко управување. Тоа се двата механизми за заштита и менаџирање. На третиот, Интегрален План за управување со сливот на Охридско Езеро, веќе работиме во рамките на Дримскиот Процес, потсетува Паноски.
Инаку, шест годишниот договор на концесионерот на езерото „Охридска пастрмка 2012“ истекува во септември 2018 година.