Skip to main content

Од Здружението „Совест“ предлагаат да се спроведе референдум

Од Здружението „Совест“ предлагаат да се спроведе референдум на кој ќе се утврди јавното мислење на охриѓани за изградба на минаре високо 32 метри на Али- пашината џамија. Од Управата за заштита на културното наследство тврдат дека референдумот е сосема несоодветен начин при вакви ситуации и дека оваа форма на изразување на вољата на народот е повеќе политичка и може да се злоупотреби

 |  Јаковлева Лионела  | 

Али пашината џамија во Охрид предизвика жолчна дебата која се водеше синоќа на МАКФАКС. Михаил Трендафилов-Нанче, претседателот на здружението „Совест“ ги кршеше копјата со неговиот соговорник Валентино Димитровски од Управата за заштита на културното наследство. Трендафилов ги бранеше ставовите на граѓаните во здружението дека на Али-пашината џамија се работи без одобрение за градба со тешка градежна механизација што го уништува просторот наоколу каде што претходно имало црква. Од здружението стравуваат дека Охрид ќе ја изгуби автентичноста и обвинуваат дека институциите може да предизвикаат верска омраза и меѓуетничка нетрпеливост. Предлагаат да се спроведе референдум на кој ќе се утврди јавното мислење на охриѓани за изградба на минаре високо 32 метри потенцирајќи дека тоа е најдобриот начин за решавање на оваа ситуација.


Обично кога имаме избори сите велат граѓаните за нас. Па кои се граѓаните. Ние сме тие кои треба да ви укажиме на вас кои сте професионалци дека нешто погрешно работите, вели Нанче.


Од Управата за заштита на културното наследство, пак, уверуваат дека при изведбата на проектот се почитувани сите закони и подзаконски акти за градба и за заштита на културното наследство. Додаваат дека референдумот е сосема несоодветен начин при вакви ситуации и дека оваа форма на изразување на вољата на народот е повеќе политичка и може да се злоупотреби.


А што ќе правиме со тоа ако граѓаните каде што има повеќе муслиманско население изгласаат нешто со што мнозинството во Охрид не би се согласило и би сакало да го нема. Треба работите пошироко да се гледаат, вели Димитровски.
Инаку од здружението „Совест“ велат дека ако треба и ако не се преземе нешто околу стопирање на градежните работи на и околи Али пашината џамија охриѓани се подготвени за референдум. Во меѓувреме се чека УНЕСКО да се произнесе дали е во склад со стандардите за заштита на градот објектот да се реконструира во предвидената димензија.