Skip to main content

Повисоката сметка за вода, актуелна во охридскиот Совет

Деновиве во чаршиските кулоари на Охрид постојано се слушаат коментари околу новите цени на водата. На таа тема бурна расправа се отвори и на последната седница на охридскиот совет, на која опозициските советници кажаа дека цената е превисока, додека пак позицијата сметаше дека покачивањето на сметката на водата било неизбежно.

 |  Николоска Биљана  | 

Зголемувањето на цената на водата во целата држава сеуште актуелна тема. Охридските советници од опозициската ВМРО – ДПМНЕ на последната седница на Совет реагираа дека зголемувањето на сметките за вода по корисник е околу 130 денари, а не само за паушалните 70 денари. Координаторот на ВМРО – ДПМНЕ Кирил Пецаков истакна дека зголемената сметка на водата претставува најголем удар врз најсиромашните.

Дојде нова Локална самоуправа и некако многу лесно прифатија….Еве имаме примери градоначалникот на Скопје и Велес жестоко се спротивставуваат и борат со оваа одлука. Не е само да ја покачиме на штета на граѓаните водата и сме завршиле работа. Јаз знам што е одговорот, ВМРО ја започна процедурата, меѓутоа ВМРО затоа и падна кај граѓаните за одредени работи или во одреден процент“

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски во врска со покачувањето на сметките на водата, вели дека тоа било задолжително. Тој посочи дека, доколку општина Охрид не пристапела кон прилагодување на цената по барање на Регулаторната комисија, требало да платат огромни казни, и по 150 дена Регулаторната комисија ќе ги променела цените.

Тука имавеме две варијанти или да ја подигнеме цената по еден кубик на потрошена вода. Тоа би значело дека цената би се подигнала од 25 на 39 денари но ние пристапивме кон поинаков начин на промена на цената, а тоа е од 25 денари цената се променува на незначителни 25, 52 денари а се воведува паушалниот надоместок кој го плаќаат и резиденти и нерезиденти. Сметавме дека на ваков начин ги заштитуваме граѓаните на Охрид“

Граѓаните на Охрид во најголем дел се жалат за зголмувањето во делот на колекторската сметка. Градоначалникот вели дека додека не се реши овој генерален проблем на централно ниво охриѓани ќе продолжат да плаќаат за одржување на колекторот.