Skip to main content

Обесштетувањето од земјотресите заглавено во владината комисија

Охриѓани чии домови претпеа оштетувања во ланските земјотреси сеуште чекаат обесштетување. Секојдневно бараат информација од општинската комисија за проценка на штети. Но одговор на нивните прашања и зелено светло за исплата треба да даде Второстепената владина комисија каде што е заглавена целата постапка.

 |  Билјана Николоска  | 

Домовите на 15 охридски семејства не се за живеење поради сериозни оштетувања од земјотресот со јачина од 5.1 степен според рихтер кој го погоди Охрид лани на 3 јули. Овие и уште околу 800 други граѓани кои поднесле барања до Локалната комисија за проценка на штети, сеуште чекаат од државата да ги обесштети.

„Има граѓани кои поради оштетувањата на објектите буквално нема каде да живеат па моментално се наоѓаат кај роднини и пријатели.“ вели Раде Велјаноски, претседател на општинската комисија за проценка на штети.
Од земјотресите кои го погодија охридскиот регион лани летото беше утврдена штета во висина од 58 милиони денари или околу 1 милион евра. Од нив 48 милиони денари штета е утвредна врз станбени објекти и 9 милиони денари врз деловни субјекти. Направениот Елаборат доби зелено светло од охридските советници и на 30 август e проследен до Владината Комисија за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди.

Немаме конкретна информација за тоа што се случува со обесштетувањето. Наша обврска е да се направи елаборатот во кој се врши само проценка на штетите, а понатаму во согласност со буџетскиот план, расположивите средства, владата го врши обесштетувањето. Секако дека не треба обврската да ја префрламе само на централната власт. Наша должност е малку да влијаеме и да го притиснеме забрзувањето на исплатата на средства, што ние го правиме. Се надевам дека за скоро време граѓаните ќе бидат обесштетени.“-вели  Јован Стојаноски, Градоначалник на Охрид.

Застојот во постапката за обесштетување според надлежните се должеше на нефункционирање на Владината комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Односно истата беше  разрешена па се чекаше на именување на нови членови.