Неизвесна е градбата на социјални станови во Струга
Во програмата на Акционерското Друштво за стопанисување со станбен и деловен простор не е предвидена изградба на социјални станови во општина Струга. Но градоначалникот Рамиз Мерко вели дека силно ќе се посвети на решевање на станбното прашање на најранливите категории граѓани и заради тоа во следниот период ќе преговара со централната власт.
Граѓаните на Струга сеуште во неизвесност дали ќе се градат социјални станови за ранливата категорија. Бројот на лицата кои немаат покрив над глава или пак живеат во лоши услови во општина Струга од ден на ден расте. Во 2015 година од Агенцијата за стопанисување со стамбен и деловен простор имаше најава дека и во оваа општина треба да започнат со изградба на социјална зграда, дури беше позната и локацијата, во населбата Плитишта, но за жал тогаш не нашле заеднички јазик со поранешниот градоначалник Зијадин Села, околу реализација на овој проект. Актуелниот градоначалник Рамиз Мерко открива дека и неговите напори не вродиле со плод.
„Во стоте дена сме…. и јас како градоначалник во претходните мандати сум побарал, но од централната власт не добивме можност за изградба на социјални станови“.
Во Струга неопходна е изградба на социјални станови, вели Мерко. Тој кажа во периодов што следи ќе работат на тоа поле и оптимист е дека ќе успеат во намерата и во општина Струга да биде реализиран еден капитален проект, односно да обезбедат покрив на глава на дел од загрозените семејства кои чекаат на тоа.
„Сега сме во преговори и имаме доблест за да може да се договориме за една таква градба која ќе биде наменета за нашите сограѓани од ранливата категорија“.
Во најавата на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески дека во наредниот период планирана е изградба на 467 социјални станови не е планирана општина Струга. Најавените активности се дел од проектот со кој до 2020 година треба да бидат изградени 33 згради со 1.741 стан за социјално ранливи категори. Досега се изградени 16 згради со 731 стан. Проектот се спроведува со Банката за развој при Советот на Европа, со буџет од 50.700.000 евра, од кои 50 проценти се обезбедени од Буџетот на РМ.