Бездомните кучиња во стaционарот на Мауцкер ќе останат до август
Бездомните кучиња во стaционарот на Мауцкер ќе останат до август. После тоа веќе ќе нема кој да се грижи за нив. Единствената волонтерка која сега се грижи за 50 бездомни кучиња објави на својот Фејсбук профил дека се откажува бидејќи е оставена сама на себе. Од локалната самоупрва се свесни за проблемот и бараат Национална стратегија за решавање на овој проблем.
50 -те кучиња кои се сместени во привремениот стационар на Мауцкер ќе останат згрижени до месец август. Единствената волонтерка која во моментов се грижи бездомните животни да добијат хуман третман и да не се на улица најавува повлекување од својата повеќегодишна мисија и заминување во странство. Вилдана Садикоска, која остана сама во борбата за грижа на бездомните кучиња, на својот Фејсбук профил меѓу другото напиша.
„Жал ми е, но не можам да помагам веќе, не ми остана енергија за борба, бидејќи немам веќе надеж. До сега се спасени многу кучиња од улица, вдомени, згрижени. Јас сум сега сама во стационар, кој е импровизиран и таа импровизација веќе ме иритира, ме напнува и ми ја отежнува работата. Двегодишниот труд околу проектот за стерилизации пропадна, се беше отруено, неколку само беа вдомени.“ – стои на Фејсбук профилот на волонтерката Вилдана Садикоска.
Како општината ќе се справува со бездомните кучиња од охридските улици по ваквата најава на единствената волонтерка одговор побаравме од локалната самоуправа.Тие се свесни за проблемот и бараат решение. Од средбите со другите институции посочуваат дека најсоодвено решение е изградба на регионален стационар, но тој обид не поминал на Совет. Сега бараат Национална стратегија за решавање на овој проблем.
„ Треба Национална стратегија сите кучиња да се маркираат и сите легла да се регистрираат. Не е проблем да се заловат кучињата , да се тргнат од улица и да се однесат во стационар. Проблемот е поголем. Ни треба Национална стратегија и регистер во кој ќе го има бројот на кучиња и на легла.Така ќе знаеме колкав е бројот и нема да има проблем со вакви димензии, “вели Томе Џамтоски портпарол на општина Охрид.
Портпаролот информира дека општина Охрид во изминативе три години на здружението Анималија кое учествувало на јавни повици за финансирање на проекти од јавен интерес има доделено 210.000 денари. Биле доделени 50.000 денари, 70.000 денари и 90.000 денари за 2015, 2016 и 2017 година, наведува Џамтоски.