Министерот Зоран Шапуриќ во работна посета на охридски компании
Министерот Зоран Шапуриќ во работна посета на охридски компании. Презентирани беа владините мерки за поддршка на компаниите од домашното стопанство. Министерот, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, ги слушна и потребите на стопанствениците од Охрид и Југозападна Македонија и нивните развојни планови.
Министерот без ресор Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, за време на работната посета на Југозпадна Макеоднија посети и неколку охридски компании. На домашните бизнисмени им ги презентира владините мерки за поддршка на производството и нивните развојни планови. Шапуриќ при тоа ги запозна стопанствениците со мерките наменети за изедначување и поттик на досега запоставените домашни компании. Во мерките за олеснување на бизнисот кажа дека не се предвидени и нема да има ослободување од придонеси за вработување и здравство како досега.
„ Мерките се однесуваат за инвестирање во фабрички хали, опрема, нови вработувања со повисоки плати од 18.000 денари со максимална годишна поддршка од 4000 евра по вработен. Услов е ново вработување или превземање од компании во стечај или од администрација. Зборувавме и за извозни планови и одредени активности кои ќе се поддржувани“, посочи Шапуриќ.
Министерот ги слушна потребите на стопанствениците од Охрид и Југозападна Македонија и нивните барања.
„Побараа да се побрзи процедурите, со побрз административен интензитет да има поврат на ДДВ-то и во намалување на казните. Сите сакаат да работат според законот, но сметаат дека казните се превисоки. Генерално дадоа поддршка за владините мерки, “рече Шапуриќ.
Министерот Шапуриќ најави дека Законот за државна помош на домашните компании е готов. Мерките ги поминале јавните расправи со Стопанската комора и сите субјекти и очекува Законот да биде усвоен на Владата, а потоа и во Собранието, како и да стапи во сила веќе од месец јуни.