Комеморација по повод смртта на Цветан Грозданов
По повод смртта на Цветко Грозданов денес во општина Охрид се одржа комеморација. На неа се обрати градоначалникот Јован Стојаноски и археологот Паско Кузман.
Денес во општина Охрид се одржа комеморација по повод смртта на академикот Цветан Грозданов. На неа, се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој рече дека со денешната комеморација, се оддолжуваме кон ликот и делото на Грозданов изразувајќи ја нашата искрена и огромна почит кон човекот кој животот му го посвети на овој древен град и прецизно го позиционира на врвот на светските цивилизациски вредности.
„Во ова време на тага, кога физички академикот Грозданов не е меѓу нас, неопходно е да собереме сила и со отворен ум и срце, да му ја оддадеме должната почит и да се поклониме пред неговото дело. Животот, творечката енергија, научниот предизвик и филигранската интуиција, ги подари на потрагата по вредностите на уметноста задскриени во црквите и манастирите и археолошките наоѓалишта. 01:31+01:59 „Неговата научно фундирана посветеност на историјата на уметноста, го вреднува меѓу највлијателните балкански византолози.Остави извонредно богат творечки опус, остави многу негови современици кои продолжуваат да го доодуваат патот по кој чекореше. Им остави многу обврски кои се своевидни патокази во трагањето по специфичностите, суштината на феноменот на идентитет и културните белези на овие простори“.
На комеморацијата, зборуваше и археологот Паско Кузман. Тој истакна дека, за да се долови цело животно искуство и опус на Цветан Грозданов потребни се 388 страници, бидејќи Грозданов зад себе остави едно време, кое ние го чуваме и ќе им го предаваме на идните поколенија.
„Цветан Грозданов замина од нашето и неговото минато, од нашата и неговата сегашност и отиде во иднината и во еден од паралелните светови на трите профили од времето. Во тој паралелен свет се живее sub specie aeternitatis ( во светлините на вечноста), што значи овој наш човек отиде таму не по дефиницијата за подарена привелегија, туку со реалноста одработена и заслужена привелегија, одразена со беспрекорна научна интерпретација за медиевалистичките културни, уметнички и духовни вредности на Охрид, Македонија и балканските простори, значајни не само за овие регионални пространства, туку и за европските и светските културно- историски, духовни и уметнички текови“.
Посмртни останки на Цветан Грозданов беа погребани вчера на градските гробишта во Охрид. Академикот Грозданов е роден на 5 март 1936 година во Охрид, а почина на 30 март 2018 години.