Прв конгрес на Македонската партија во Тирана
Под претседателство на Васил Стерјовски денеска во Тирана ќе се одржи прв конгрес на македонска партија во Албанија.
Конгресот, како што информира Светскиот македонски конгрес (СМК), треба да донесе одлука за преименување на партијата.
Македонска алијанса за европска интеграција, формирана на 30 октомври 2004 година, во Македонска партија.
Покрај тоа, предвидено е да се донесе Статут и програма за работа на Македонска партија, одлука за формирање регионални организации на Партијата и Резолуција за унапредување на положбата и правата и слободите на Македонците во Република Албанија.
Членовите на Македонска партија на Првиот конгрес ќе ги претставуваат 121 делегат од Мала Преспа, Корча, Билишта, Поградец, Тирана, Елбасан, Драч, Гора и Голо Брдо, кои ќе ги изберат органите на партијата. Засега за претседател на Македонска партија се номинирани двајца кандидати Таќо Гроздани, претседател на Регионалната организација на Партијата за Корча и Едмонд Темелко, актуелен градоначалник на општина Пустец и претседател на Регионалната организација на Партијата за Мала Преспа. Од нив делегатите со тајно гласање ќе го изберат претседателот на Македонска партија за наредниот четиригодишен мандат.
Конгресот ќе формира и осум регионални организациии на Македонската партија во Албанија за регионите Гора, Голо Брдо, Мала Преспа, Кукс, Тирана, Корча, Елбасан и Драч, и седум општински организации во општините Корча, Билишта, Поградец, Требишта, Мало Острени, Шиштавец и Пакишта. Исто така, ќе донесе и одлука за учество на Македонска партија на парламентарните избори во Република Албанија во јуни годинава, со овластување, Централниот комитет да донесе одлука за коалицирање, да потврди договор за коалиција и да утврди листа на кандидати за пратеници од Македонска партија.
На Конгресот ќе учествува висока делегација на СМК предводена од претседателот Тодор Петров. Се очекува Петров да им врачи плакети со почесната титула на СМК „македонски сенатор“ на Едмонд Темелко од Мала Преспа, претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Преспа“, проф. д-р Кимет Фетаху од Тирана, претседател на Македонското друштво „МИР“, Цветан Мазнику од Голо Брдо, прв претседател на Македонската заедница во Албанија и Мехмед Хоџа од Гора, претседател на Македонското друштво „ГОРА“.
{loadposition content9}