Пролетната дератизација во Охрид ќе се спроведе во месец мај
Намалена популацијата на стаорци и глувци на подрачјето на општина Охрид. Тоа се должи на редовната системска дератизација која ја прават екипите на Центарот за јавно здравје Охрид, два пати годишно, поставувајќи соодветно средство во околу 3000 шахти.
Пролетната дератизација во Охрид ќе се спроведе во месец мај, информираат од Центарот за јавно задравје. Како што е познато глодарите покрај штетата која ја предизвикуваат, се и преносители на околу 40 различни болести кај човекот, дирекно или преку вектори. Според Законот за заштита на населението од заразни болести, за дератизација на населбите и околината е надлежна Општината, со стручна и техничка помош на Центарот за јавно здравје. Годинава, исто како и минатата година, системска дератизација ќе се изведе на околу 3000 шахти во градов, вели епидемиологот Јованка Стурлакова Коровешоска.
„Со отпочнувањето на пролетта и летото кога почнуваат и градбите, како и уривањето на старите згради и куќи тогаш се уриваат и леглата на стаорците и глувците и тие имаат наезда во соседните куќи и тогаш имаме најголем проблем односно најмногу се жалат граѓаните“.
Борбата против глодарите треба да биде редовна, вели Стурлакова, додавајќи дека мора да се делува на намалување на нивната популација на еден биолошки минимум.
„ Ние ги третираме канализационите шахти така што се поставува отров, ефикасно е и веќе 5-6 години, два пати годишно кога се спроведува дератизацијата имаме намалување на популацијата на стаорците и глодарите“
Дератизацијата ќе се спроведува со средство отпорно на вода, т.н парафински блокови, средство чие користење е одобрено од страна на Министерството за здравство и Бирото за лекови. Канализационата мрежа во централното градско подрачје и посебно стариот дел на градот и овој пат ќе бидат локациите на кои најмногу ќе им се посвети внимание, велат од Центарот за јавно здравје.