Skip to main content

Mостот на каналот Билјанини извори не се крева и спушта заради безбедносни причини

Заради дефект на електричната инсталација не работи мостот на каналот Билјанини извори.Во моментов мостот не се крева и спушта  заради безбедносни причини. Она што  изненадува е податокот  дека досега со мостот никој не стопанисува. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во моментов не работи електричната инсталација на дел од мостот на каналот Билјанини извори. Поголемите пловни објекти не можат да влезат и излезат од каналот бидејќи делот кој се спушта и подига на мостот не е во функција, информира Горан Устијаноски, капетан на Капетанија на Пристаништа на РМ за состојбата во која сега е мостот.

„ Мостот не е во функција од безбедносни причини со електричната инсталација бидејќи доаѓаше до прокиснување во машинската соба. Таа мора да е адекватно санирана. Немајќи сопственик бараме преодни форми како да ја санираме работата“, вели капетанот Устијаноски.

Мостот изграден на каналот Билајнини извори повеќе од 3 децении нема сопственик. Овој објект не е во надлежност ни на градот нити на некоја друга институција, јавно претпријатие или капетанија. Од Kапетанија напоменуваат дека допрва ќе ја утврдат висината на настанатата штета и ќе бараат решение за поправка додека не се реши во чија надлежност треба да биде стопанисувањето со мостот.

„ По наше видување мостот е на територија на Охрид и најдобро е да е под капа на градот. Војската како најблизок орган и институција која веќе управува со мостот во делот на оперативно управување може да бидат ангажирани да направат услуга да го кренат или спуштат мостот. Но мора да се знае кој е сопственик на мостот, а корисници сме целатат јавност“, вели Устијаноски.

Непознато е кој пред 30 години ја финансирал изградбата на мостот но се знае дека изведувач бил АД „ЕМО“.

Досега при дефекти на елeктричната инсталација интервенирале Хидробиолошкиот завод, Министерството за транспорт и врски и индивидуални сопственици на пловни обејкти кои имале потреба од влез и излез на пловилата во каналот Билјанини извори, укажува капетанот Горан Устијаноски.