Заев: Не треба да се гради Али пашината џамија ако нема одобрение за градба
Не треба да се гради Али пашината џамија ако нема одобрение за градба, категоричен премиерот Зоран Заев.Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Охрид, премиерот се осврна и на најавите дека државата ќе го преземе управувањето со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.
Без одобрение за градба, не може да се гради, никаков објект, категоричен премиерот на РМ Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа, дали е запознат со реконструкцијата на Али Пашината џамија која се гради и покрај забелешките на надлежните институции кои констатираа прекршувања на прописи и други незаконитости.
„Ако нема одобрение за градба не треба да се гради. Ако не постапи општинскиот инспекторат за градежништво ќе постапи државниот инспекторат. Во Македонија важат законите и тие мора да ги почитуваат сите. Јас исклучително испраќам порака да се почитуваат процедурите, постапките и законите во државата. Ако некој има право за одобрение за градба може да го добие тоа право, ако нема право, нема да го добие тоа право и сите мора да се придржуваме кон законите во државата“.
Што се однесува пак на ветувањата на Владата дека државата ќе го преземе управувањето со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, премиерот Заев рече дека работат на надминување и на овој проблем.
„Во пакет сакаме да го решиме со изнаоѓањето на начини на финансиско помагање на општините преку кредитно задолжување на подолг рок со помали каматни стапки во целиот овој пакет, претпоставуваме и очекуваме дека Владата ќе донесе одлука за целосно превземање на управување на колекторскиот систем“.
Заев рече дека не само што треба Владата да донесе одлука за преземање на управувањето со Колекторскиот систем, туку треба да се испочитува и обврската за негово надградување.