Бројот на жртви од свински грип во Мексико се зголеми на 103
Министерот за здравство на Мексико Хосе Анхел Кордова изјави синоќа дека од новиот вид вирус на свински грип досега починале 103 лица.
Министерот во изјава за националната телевизија додаде дека се хоспитализирани 400 заболени и регистрирани се 1.600 случаи за кои се сомневаат дека се работи за тој вирус.
Мексиканскиот претседтаел Фелипе Калдерон изјави претходно дека за две третини од бројот на лицата за кои постоело сомневање дека се инфицирани со смртоносниот вирус е утврдено дека се здрави и се отпуштени од болниците. Калдерон додаде дека повеќе од 900 лица се прогласени за здрави и околу 400 имале симптоми па поради тоа се хоспитализирани.
Милиони Мексиканци останаа вчера во своите домови за да избегнат инфицирање со новиот вирус.
Стравувањата дека свинскиот грип може да прерасне во пандемија растат по појавата на нови случаи во САД и Канада.
Калдерон им порача на луѓето дека грипот се лекува и оти Мексико располага со доволно залихи на антивирусни лекови.
– Важно е да се дејствува брзо и се ова да се свати сериозно, но исто така е важно да се остане прибран, да се соработува со властите и да се известат за секој нов случај, изјави Калдерон.
САД воведоа од синоќа вонредна состојба во јавното здравство поради опасноста од ширење на епидемија на свински грип.
– Во овој момент најважно е да се обезбедни силна комуникација и во потполност да се спроведат активности за медицински надзор, изјави на прес конференција помошникот на претседателот на САД за внатрешна безбедност Џон Бренан.
Американскиот секретар за внатрешна безбедност Џенет Наполитано изјави дека прогласувањето вонредна состојба во секторот на јавното здравство е неопходно за да се искористат ресурсите на федералните, државните и локалните агенции и овозможи користење на парични средства за купување дополнителни количини антивирусни лекарства.
– Во САД заболеа 20 лица од свински грип, а кај сите станува збор за поблага верзија на болеста, изјави Ричард Бесер, извршен директор на Центарот за контрола и превенција од болести. Еден случај е потврден во Охајо, два во Канзас и осум во Њујорк. Претходно беа регистрирани седум случаи во Калифорнија и два во Тексас.
Ен Шачет од тој Центар изјави дека стравува оти со ширењето на вирусот и во САД може да има и смртни случаи.
Претставници на Министерството за здравство и внатрешна безбедност во САД препорачаа локалните власти да планираат затворање на училиштата, како и сите кои се инфицирани да не излегуваат од домовите.
Нов Зеланд го активира националниот план за пандемски болести со кој се воведува строга контрола на лицата кои доаѓаат со меѓународни летови.
{loadposition content9}