Skip to main content

Наскоро ќе следува реконструкција на дрвените скали на Античкиот театар

Наскоро ќе следува  реконструкција на дрвените скали  на Античкиот театар. Приодот до театaрот е затворен скоро 5 месеци од пред Новогодишните празници. Сега НУ Завод и музеј ќе ги поправа во соработка со градот.

 |  Валентина Неловска  | 

Во понеделник, на 28 мај, ќе се отвара јавната набавка за материјал за поправка на дрвените скали на Антички театар. Руинираните и оштетени скали ќе бидат санирани по 5 месеци од нивното затварање пред новогодишните празници. Приодот кон театарот не беше дозволен заради небезбедност на посетителите, информира Елеонора Новакоска директор на НУ Завод и Музеј од Охрид. Во тој период, нашата институција, не беше во можност да преземе мерки за санација на скалите. Сега работите се придвижуваат. Постапката за јавна набавка е отпочната и ќе биде отворена на крај од месецов по што ќе следи санација на скалите, додава Новакоска.


„ Во соработка со Локалната самоуправа би ги санирале скалите. Со помош на јавните претпријатија кои имаат стручни екипи за да не одиме со јавна набавка и да не губиме повторно време“, подвлекува Новакоска .

Екипа на Завод и Музеј работи и на средување на околината на античкиот театар. Се кастри вегетацијата околу овој простор, а се бара решение и за нов проблем кој ја загрозува безбедноста на Амфитеатарот, напоменува Новакоска.

„ Следен чекор е да има обезбедување на објектот над сцената. Направен е увид и таму паѓаат камења кои се тркалаат на самата сцена. Тоа е следно во план по санирање на скалите “, посочува Новакоска.

Од Завод и музеј аплицирале за грант до америчката амбасада за интервенции на античкиот театар. Институцијата направила подолгорочна проекција за доистражување на античкиот театар и зафати врз објектот за периодот од 2019 -2022 година.