Во охридско почна бербата на цреши, а овоштарите се загрижени за квалитетот на родот
Во охридско почна бербата на цреши, а овоштарите се загрижени за квалитетот на родот. Временските услови во април и врнежлите три дена имаат негативно влијание врз црешата. Овоштарите кои одгледуваат цреши се жалат на откупната цена дека е пониска за разлика од минатата година.
Започна бербата на црешата во охридско, а овоштарите се загрижени за квалитетот на годинешниот род и за пласманот. Одгледувачите на црешови насади се соочија со неповолни временски услови во пролетните месеци кои го загрозиј а квалитетот на црешата, а во моментов дополнително ги загрижува и дождливото време, вели Ванчо Стојаноски.
„ Сега во ек на бербата 3 дена има врнежи кој негативно се одразуваат врз квалитетот на родот. Доаѓа до пукање на плодовите и тие не се за конзумација. Оштетените плодови на црешата ќе завршат во преработувачката индустрија по многу пониска цена“, кажува Стојаноски.
Дел од приносите на охридска цреша и годинава ќе се пласираaт на рускиот пазар, но откупната цена е пониска за разлика од минатата година. За килограм цреша откупувачите плаќаат до 65 денари, вели охридскиот овоштар Стојаноски. Додава дека дел од вината за таа состојба мора да ја преземат и овоштарите. Не сме доволно внимателни во бербата за да ја подигнемем просечната цена на ниво на охридскиот регион, додава Стојаноски и појаснува кој е вистинскиот начин за да се постигне добра цена.
„ Пред се подобра организација. Луѓето мислат дека со формирање задруга може да добијат и повисока цена. Основа цел на задругата е да функционираме како организирана голема група, заеднички да функционираме и на многу начини да научиме да одгледуваме цреша. Потоа следува цената без добра организација и квалитет не може да постигнеме цена која ја посакуваме. Менување на навиките и свеста кај луѓето. Добар дел не знаат што е организација и земјоделска задруга “, напоменува Стојаноски.
Охридскиот овоштар, Ванчо Стојаноски напоменува дека никој од одгледувачите на цреша во регионот не знае колкав род очекуваат годинава. Некои сорти потфлија. Таков е примерот со „долга шишка“ која 50 посто има помалку род од очекуваното, а во опасност е и сортата „скена“. Во охридско годинава бербата на црешни започна порано неколку дена, а се очекува да заврши за 20 -тина дена.