Skip to main content

Во каналот Студенчишта сопствениците ќе ги врзуваат пловилата кој каде ќе стигне

Повторно ова лето во каналот Студенчишта сопствениците ќе ги врзуваат пловните објекти кој каде ќе стигне. Надлежност за одбележување на местата  каде ќе се врзуваат пловилата засега немаат ни Капетанија ни Локалната самоуправа. Каналот не го даваат неколку министерства меѓу кои и ресорното на одбрана, а од Капетанија посочуваат дека има појава на тргување со паркинг места во каналот.

 |  Валентина Неловска  | 

На каналот Студенчишта и оваа летна сезона ќе нема одбележени паркинг места каде што ќе се врзуваат пловните објекти. Сопствениците и понатака ќе се снаоѓаат кој како знае и умее за да ги закотват пловилата на безбедно место. Надлежност за одбележување на местата каде ќе се врзуваат пловилата засега немаат ни од Капетанија ни од Локалната самоуправа, напоменува Горан Устијаноски капетан на Капетанија на Пристаништата на РМ. Каналот беше заедничко место за приврзување, се правеше со компромис за сместување на пловните објекти, напоменува Устијаноски. При тоа капетанот укажува на една негативна појава која се случува во сезона и апелира до сите надлежни институции да реагираат.

„Таму има одредени сомнежи дека постои злоупотреба на просторот во каналот. Некои луѓе од градот поставуваат кајчина на почетокот од сезоната,а во сезона за одреден надоместок ги издаваат на туристи кои поставуваат пловни објекти. Навлезени се во сферата на сивата економија и мора тој дел да се регулира“, напоменува Устијаноски.

Од Локалната самоуправа инфромираат дека ингеренциите ги делат со Министерството за одбрана, за внатрешни работи и за животна средина и просторно планирање. Се прават максимални напори да се стави во функција целиот простор околу каналот за да биде туристичка атракција, вели Томе Џамтоски општинскиот портпарол.


„ Но во овој момент има одредени несогласувања со Министерството за одбрана. Во тек се разговори и преговори не само со МО туку и со МЖПП како локална самоуправа да ги има целокупните ингеренции на тој дел и по свое наоѓање да го уреди просторот и да го стави во функција на градот и туристите. До денес нема јасна слика што се случува“, напоменува Џамтоски.

Локалната самоуправа е посветена на изнаоѓање на најоптимално и најодржливо решение за просторот. Очекуваме ова прашање да биде решено до следната сезона, подвлекува Џамтоски.

Дотогаш каналот и понатака ќе биде единственото безбедно место каде што ќе се паркираат и приврзуваат пловилата, а бројот на современи глисери и бротчина постојано е во пораст.