Oхрид по 57 пат е домаќин на Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Oхрид по 57 пат е домаќин на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Манифестацијата започна со традиционалното дефиле на учесниците низ чаршијата. Продолжи со цело вечерен концерт на Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.
Oхрид по 57 пат е домаќин на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Љубителите на народниот фолклор ќе имаат можност во текот на одржувањето на фестивалот да уживаат во настапите на фолклористи од регионот. По традиционалното дефиле на учесниците низ градот, играорците и посетителите на отворањето ги поздрави градоначалникот Јован Стојаноски. Учесниците на Балканскиот фестивал на народни песни и игри и бројната домашна публика, но и посетителите од сите страни на светот, овие неколку дена, ќе го почувствуваат духот на древниот Охрид, градот на светлината, градот во кој секој оставал своја трага и приказна, градот во кој секој што дошол, сакал одново да биде дел од овој спокој и убавина, рече во своето обраќање градоначалникот Јован Стојаноски.
„ Да го споиме старото со новото, да ги споиме милениумското културно и природно наследство и сегашноста. Охридските сокаци, улици и плоштади, ќе се разубават со сјајот и колоритот на носиите, песната и играта на повеќе народи и региони, како знак на нивниот културен идентитет. Во тој дух, посакувам уште едно успешно издание на фестивалот и упатувам порака за почитување на различностите на Балканот како основа за едно ново современо единство“, подвлече градоначалникот Стојаноски.
Фестивалот традиционално се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија,а со поддршка на Министерството за култура. Пред присутните пригодно обраќање имаше и заменик претседателот на Собранието, Весел Мемеди.
„Балканскиот фестивал со респектибилната историја и градот Охрид, пречекал над 50.000 играорци, фолклористи и пејачи од целиот свет. Овој фестивал е препознатлив во меѓународните асоцијации и меѓународните организации за фолклорна уметност“, рече Мемеди.
Директорот на ЦК „Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски потсети дека Балканскиот фестивал има заслужно место на каталогот на фестивали и манифестации на Унеско.На Балкански фестивал повеќе од половина век се преплетуваат културата и мемоарите од сите земји во светот.
„Сите тие заедно прават мегдан за автентично разбирање меѓу народите на нетипичен но рабирлив јазик, со јазикот на темпото, костимите, музичкиот такт, гласот кој излегува од дамарите на древното, потестувајќи не на коренот и потеклото “, напомена Стаматоски.
Во текот на четирите фестивалски ноќи на сцената во ЦК „Григор Прличев“ ќе настапат повеќе културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Влезот е слободен.