Во Белчишта, општина Дебрца отворена е ликовната колонија „Дебрца 2018“
Во Белчишта свечено отворена интернационалната ликовна колонија “Дебрца – 2018”. Уметничката колонија е со 34 годишна традиција, а галеријата е со богат сликарски фонд. Колонијата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Во Белчишта, општина Дебрца отворена е ликовната колонија „Дебрца 2018“. Интернационалната културна манифестација одбележува 34 годишно постоење и е со најдолга традиција во земјава. Тука низ годините твореле врвни уметници од земјава и околните земји. Ликовниот уметник Ѓоко Целески, осовачот на колонијата, ги претстави годинешните учесници, а специјална благодарница му врачи на Јосиф Ефтимоски, претседател на УО и помагател на Колонијата. Поетите, професор д-р Мито Спасевски и Петко Шипинкароски имаа обраќање и читаа песни.
На свеченото отварање на Ликовната колонија присуствуваше и Зоран Ногачески градоначалникот на општина Дебрца. При тоа Ногачески кажа, дека со колонијата живее цела Дебрца, а не само селото Белчишта, седиштето на локалната самоуправа. Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца. Уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал. Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Затоа од наредната година ќе внесеме нова сила и енергија, ќе вбризгаме нов адреналин и ќе го вратиме стариот сјај на Ликовната колонија, рече Ногачески.
На годинешните учесници, Ногачески им посака инспирација за создавање на нови уметнички дела. Во Дебрца тоа го има во изобилство, Белчишките “Сини Вирој” се непресушен извор на питка вода , па така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Крајно, сите мораме да се водиме од максимата: Ars longa, vita brevis, или уметноста е долга, животот е краток, истакна Ногачески.
Во Галеријата на ликовната колонија “Дебрца” има над 700 дела, а мегу нив се платната на сликарските великани од постарата генерација, меѓу кои Димче Коцо, Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Мето Георгиевски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Петар Мазев и др.