Стојаноски: Општина Охрид нема разидување со барањата на здружението „Стар Лагадин“
Од Здружението „Стар Лагадин“ денеска пред општината го изразија својот револт затоа што на денешната седница не се најде на дневен ред нивното барање за поништување на општиот акт за село Лагадин со кој се доволува девастирање на овој дел од крајбрежејто и рушење на незаконската градба на хотелот во Лагадин. Градоначалникот порача немаме разидување со барањата на здружението. За хотелот во Лагадин кажа дека се чека конечната одлука на Министерството за транспорт и врски.
Мирослав Котевски , претседателот на Здружението „ Стар Лагадин“ истакна ние се бориме против Општиот акт за село Лагадин кој беше донесен од општината во ноември 2015 година. Тој општ акт ги поништува или ги заменува урбанистичките планови. Многу е смешно еден општ акт кој се применува за села кои немаат никаква инфраструктура да се примени за едно од најатрактивните подрачја на Охридско езеро, истакна Котевски.
„ Општиот акт дозволува сите што имаат куќи во Лагадин да имаат можност да изградат хотели. Замислете на што ќе личи тоа. Нити инфраструктура има а знаете колекторот не функционира една година . Значи општиот акт е донесен по сите норми и правила само едно не е испочитувано, а тоа е дека не може општ акт што е со најнизок ранг да поништи урбанистички план. Тој е донесен и сите имаат право да си градат. Тоа е организираниот криминал и корупција во урбаниот дел“, истакна Котески.
Охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, вели Локалната самоуправа нема разидување со барањата содржани во писмото на здружението. Нивното барање ќе биде разгледано на една од наредните седници. Градоначалникот Стојаноски нагласи дека со решение од 31.05.2018 година, се прогласува за ништовно одобрението за градење на хотелот во Лагадин. Ова решение е трето по ред со кое што се прогласува за ништовно одобрението за градење на спорниот хотел.
„ Во останатите барање беше наведено да се пристапи кон уривање на бесправно изградениот објект, меѓутоа се додека не добиеме мериторна одлука од второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски, ние не можеме да го категоризираме тој објект како бесправна градба и да започнеме со постапка за рушење. Во овој момент немаме мериторна одлука дека тој објект е бесправно изграден, додаде градоначалникот Јован Стојаноски.
Градоначалникот Стојаноски, додаде дека ставот на општината е јасен и се додека не се добие мериторната одлука од ресорното министерство дека тој објект е бесправно изграден, не може да се пристапи кон понатамошните фази предвидени во законот. Од Стар Лагадин пак,ги повикаа охриѓани и сите оние кои го сакаат Охрид и езерото на мирен протест на 31 јули. Најавуваат дека протестот ќе започне со поворка од Лагадин а ќе заврши пред општинската зграда во Охрид.