Во Куќата на Робевци поставена групна изложба на академските сликари од семејството Вујисиќ
Во Куќата на Робевци поставена групна изложба на академските сликари од семејството Вујисиќ. За прв пат, заедно излагаат татко, мајка и син, слики со различни мотиви и техники. Амбиентот каде што се поставени им дава посебна привлечност на сликарските дела, цртежи и графики во линорез.
Мирко, Лидија и Марко Вујисиќ се академски сликари од Скопје кои имаат изложба на ликовни дела во Музејот на Робевци. Станува збор за членови од исто уметничко семејство татко, мајка и син кои зад себе имаат голем број групни и самостојни изложби.
Лидија Вујисиќ на изложбата се претставува со 10-тина графики во техниката линорез на тема Морфолошки варијации. Таа е графичар , а слика и во други ликовни техники, но препознатлива е и најчесто изложува линорез.
„ За прв пат семејно излагаме. Со сопругот сме имале заеднички изложби , но сите тројца со синот ова е прв пат. Синот има техника линорез, но со свој поглед на стварноста. Тој зема мотиви од Охрид, Скопје, Белград онаму каде што живеел и учел. Овде има ентериерски простории, фигури, но претставен е и со пејзажи во боја или црно бели“, појаснува Вујисиќ.
Сликарот Мирко Вујисиќ е професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во неговото уметничко портфолио се запишани 23 самостојни и 80 групни изложби во земјава и во светот и бројни награди. За несекојдневната изложба во Охрид, вели дека тројцата се претставени во една целина. Амбиентот каде што изложуваме дава посебна привлечност на делата, а и ние самите ги гледаме со други очи.
„ Мојата техника е во графичкиот дел, графики и бакропис. Напоредно сликарството го негувам веќе 50 години, паралелно со графиката, калиграфијата и цртежот“, подвлекува професор Вујисиќ за неговиот уметнички, ликовен израз.
Експресивната динамика во творештвото на Вујисиќ произлезена од интимните лабаратории на авторите, ја носи со себе креативната потреба на современи изрази на една рафинирана естетска појавнот, напишал во рецензијата Сашо Блажески куратор на изложбата.
Изложбата на семејството Вујисиќ „Мултиплицирани реалности“ оже да се погледне до 9 август во Музејот Куќата на Робевци.