По втор пат искршена рампата за влез во Стар град кај Горна Порта
По втор пат искршена рампата за влез во Стар град кај Горна Порта. Со тврд предмет искршен е читачот на картички. Од ЈП Билјанини извори најавуваат дека за два дена рампата повторно ќе биде ставена во функција, а од полицијата бараат да се пронајде вандалот.
Искршена рампата кај Горна Порта. Во еден месец ова се случува по втор пат, непознат сторител да го уништува јавното добро. После полноќ, со тврд предмет или удар искршен е читачот на картички, отстранет алуминиумскиот дел од рампата и фрлен, информира Гордана Јованоска , директор на јавното претпријатие „Билјанини извори“.
„ Локалната самоуправа е решена да успее овој систем во Стар град. Повторно ќе се сервисира рампата и ќе се пушти во употреба“ , вели Јованоска.
Јованоска напоменува дека ова е вандалско дело на опортунисти кои не сакаат новини и средување на сообраќајниот хаос во Стариот дел од градот.
„ За жал најубавиот дел од грaдот е во заложништво на неколку луѓе кои не сакаат ништо ново. 1400 картички се издадени на мештаните и оние кои имаат врска со стар град. Толку возила нема овој дел од градот за да не може да функционира и за да бидат искршени рампите“, нагласува Јованоска.
Се очекува поправка на рампата за кратко време ,а најдоцна за два дена повторно да биде ставена во функција.
Инаку, рампите беа поставени пред еден месец на две локации кај Горна порт и на пресекот на улиците Партизанска и Македонски Просветители, како дел од летниот сообраќаен режим со цел растеретување на метежот од возила во стар град и центарот на градот.