Започна прославувањето на Курбан Бајрам
Нашите сограѓани со муслиманска вероисповед со утринска молитва бајрам намаз, го започнаа прославувањето на гопемиот празник Курбан Бајрам. Тоа е празник на жртвата и приближување кон Бога, при што побогатите им помагаат на посиромашните. На обичајот на принесување на курбанот присуствуваше и Градоначалникот Јован Стојаноски кој упати честитки за празникот а беше почастен со традиционалната баклава.
Муслиманските верници денеска го прославуваат големиот исламски празник Курбан бајрам. На првиот ден од четиридневното празнување се принесува жртва – курбан и се карактеризира со тоа што побогатите им помагаат на сиромасите. Наши сограѓани, денеска по посетата на џамииите на бајрамската молитва традиционално го организираа обичајот на принесување на курбанот со што започна славењето на големиот празник.
“По повод празникот, на денешниот обичај како курбан беа принесени петнаесет глави крупен и ситен добиток, од кој беа приготвени пакети со месо со тежина од 5 до 8 килограми, кои ќе бидат поделени на 300 сиромашни семејства.“ – кажа Фаик Бајрами.
Во името на организаторите,Фаик Бајрами изрази благодарност до градоначалникот Јован Стојаноски и Локалната самоуправа за поддршката на овој настан. Градоначалникот, кој присуствуваше на денешниот традиционален верски обичај, упати честитки по повод празникот Курбан Бајрам.
„ Овој празник е празник на сите нас кои живееме во овој град и во оваа држава. Ние сме град на различности но тие различности прават ние да сме поединствени, да живееме заедно, да се почитуваме меѓусебно. И сметам дека овој чин кој претствниците на фондацијата веќе години наназад го прават, и се разбира тоа е вековна традиција, е одраз на добрината на луѓето, на помошта кои едни на други треба да си ја даваме. – кажа градоначалникот Стојаноски.
Курбан Бајрам е еден од двата најголеми муслимански празници. Се слави на два месеца и десет дена по Рамазанскиот бајрам. На Курбан-бајрам завршува и аџилакот во Мека, Саудиска Арабија. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот.