Задолжителни лиценци за земјоделците пазарџии
Наскоро ќе има задолжителни лиценци за земјоделците пазарџии. Покрај оваа новина на зелените пазари ќе мора да се плаќа одредена тарифа за здравствено и пензиско осигурување. Во тек се измени во Законот за трговија на зелените пазари.Во охридскиот пазар во моментов има закупено околу 170 тезги.
За закуп на тезги на зелените пазари наскоро ќе следуваат измени со кои ќе се сузбива нелојалната конкуренција. Во тек се измени во Законот за трговија на зелените пазари со кои се предвидуваат воведување на задолжителни лиценци за пазарџиите, но и плаќање одредена тарифа за здравствено и пензиско осигурување. Пазарџиите без лиценца нема да може да закупат тезга, а тоа е начинот да се знае кој продава, велат од Стопанската комора на Македонија. Лиценца ќе се издава само на невработени лица. Пензионерите, како досега нема да може да добиваат лиценца за закуп на тезги. Во однос на тарифата за здравствено и пензиско осигурување се споменува износот од 540 денари за здравствено осигурување и 1500 денари за пензискиот фонд. Досега индивидуалните земјоделци закупци на тезги осигурување плаќаа по личен избор.
Додека стапат на сила измените во законот, во моментов, на охридскиот зелен пазар со кој стопанисува ЈП Градски Пазар има потпишано договори за закуп на тезги со 170 пазарџии. Со изградбата на мини пазарчето кај болницата, на почетокот од годинава, се стави ред при продажбата на земјоделски производи кој со години наназад се продававаа на импровизрани тезги на тротоарот на ул.Јане Сандански. Сега под закуп се издадени 30 тезги со различна големина, па во касата на ЈП се слеваат и над 70.000 денари приход, информира Кристина Крлеска Деспотоска директор на ЈП Градски пазар.
„Мини пазарот го работевме со општина и немавме големи трошоци. Поставените тезги се наши. Развојните планови на претпријатието се да направиме уште на 2-3 локации мини пазарчиња на барање на граѓаните за да пазарат. Со минимални инвестиции ќе носат приход на претпријатието“, напоменува Крлеска Деспотоска.
ЈП Градски пазар издава тезги под закуп не само за производители на земјоделски производи и трговци туку се издаваат тезги за бижутерија и текстил. Во споредба со минатата година има помал број на склучени договри за закуп бидејќи при проверка на договрите се откриени низа неправилности, посочува Деспотоска.
„Направив ревизија на работењето на пазарот по моето назначување на функцијата. Во договорите за закуп има одредби кои мора да се почитуваат. Но, најдовме склучени договори по кои пазарџиите не ги исполнувале условите, не биле со регистрирана фирма и не ги плаќале давачките кон претпријатието. Мене лесно ми беше да продолжам и да прикажам нереален приход бидејќи немав основ да ги тужам“, вели Деспотоска.
Директорот на ЈП Градски пазар, напоменува дека постојано прават подобрување на условите за работа на пазарџиите. Со финализирање на изградбата на затворениот зелен пазар се очекува и поголем број на склучени договри за наем на тезги и поголем приход во касата на претпријатието.