Skip to main content

За 483 охридски првачиња почна првиот училишен ден

За охридските првачиња почна првиот училишен  ден во учебната 2018/2019. Градоначалникот беше во посета на неколку училишта и на почетниците им посака успешен старт во школската година. Упати порака до наставниците и родителите да вложуваат во квалитетно образование, за учениците да се стекнуваат со знаења и вештини. 

 |  Валентина Неловска  | 

Училишното звоно, утрово, за прв пат се огласи за охридските првачиња. Во училиштата се одржа свечен прием на првачињата. Градоначалникот Јован Стојаноски беше во посета на неколку школи и на почетниците им посака успешен старт. Бидете среќни и борете се да бидете уште една успешна генерација како ипретходните, да бидете гордост на нашиот град, рече Стојаноски. Градоначалникот им упати порака на наставниците и родителите од ОУ „ Христо Узунов“.

„Да се борите за квалитетно образование на вашите деца, зборувам како родител, човек и професор, дека нема повредна инвестиција во животот од инвестицијата во вашите деца. Ништо нема да ве направи посреќни и позадоволни отколку успешно совладаните програми и наставни предмети од вашите деца. Ништо не вреди повеќе од тоа децата да имаат квалитетно образование за да имаме квалитетен град, нација и држава“, порача градоначалникот пред присутните во ОУ „Христо Узунов“.

Пред првачињата се обрати и Оливија Пирузева Јанева, директор на ОУ Христо Узунов. За Вас почнува нова етапа во животот каде што ќе ги поминете најубавите денови во животот и долго ќе ги паметите, рече Пирузева Јанева.

„Денес е прва наша средба со вашето улилиште и учителките за кои верувам дека со нетрпение сакате да ги видите, да влезете во вашата прва училница. Во овие клупи ќе го стекнувате основното образование, вештини и знаења со помош на нставниците, а потоа подготвени ќе излезете од училиштето да се соочите со сите предизвици во повисокото образование и во животот“, рече Пирузева Јанева.

Во општина Охрид новата учебна 2018/ 2019 година ќе ја почнат 483 првачиња. Тие ќе се стекнуваат со знаење во 8 -те основни училишта.