Skip to main content

Сугарески дециден – Туристичка ќе се реконструира

Министерот за транспорт и врски, Горан  Сугарески денес при посетата на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски најави реконструкција на булевар Туристичка. Градежните работи треба да започнат за петнаесеттина дена. Покрај овој, есенва ќе започнат уште многу инфраструктурни проекти низ градов.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Туристичка ќе се реконструира. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денес при посетата на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски најави градежни зафати на патот од влезот на Охрид до Билјанини извори, како и на патниот правец Охрид-Св. Наум. Оваа есен, рече Сугарески Охрид ќе биде едно големо градилиште.
Наредните денови ќе започнат градежните работи на Туристичка. Работите малку се пролонгираа поради туристичката сезона, но во наредните петнаесеттина дена ќе отпочне реконструкцијата на тој патен правец, рече министерот Сугарески.
Оваа година исто така ќе започне да се реконструира и делот од Подмолје до Охрид, а планирана е и реконструкција на регионалниот пат од Охрид до Свети Наум. За таа цел најпрво ќе се изработи проект, па потоа ќе се пристапи кон реконструкцијата, а при градежните зафати ќе се санира и едно свлечиште. Ќе серехабилитираат и патните правци од Подмолје до граничен премин „Ќафасан“, а во меѓувреме ќе се работи и на изработка на проект за проширување на делот од Струга до „Ќафасан“. Ова значи дека претстои силна градежна офанзива во охдиско-струшкиот регион, каде ќе се инвестираат сериозни средства, истакна Сугарески. Сугарески и Стојаноски разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат во општината, како со поддршка од централната власт, така и проектите што ги реализира општината. Стојаноски ја најави реконструкцијата на улицата „Абас Емин“, израбтка на урбанистички планови во старото градско јадро, како и изградба на гравитацискиот водовод од Дувало до Охрид.
На таков начин на долг рок би се решило водоснабдувањето во Охрид кое од ден на ден станува се позагрижувачко заради намалениот притисок на вода, а тоа многу би значело и за функционирањето на ЈП „Водовод“ кое издвојува големи средства за електрична енергија, вели Стојановски.
Денешната посета на Охрид е во рамките на работните посети што министрите ги реализираат низ општините во Република Македонија.