Силен земјотрес од 6.7 степени по рихтер го погоди јапонскиот остров Хокаидо
Медиумите јавуваат за девет жртви, над 150 повредени и 40-тина исчезнати. Потресот предизвика одрони, поради што бројни куќи се затрупани со земја.
Медиумите јавуваат за девет жртви, над 150 повредени и 40-тина исчезнати. Потресот предизвика одрони, поради што бројни куќи се затрупани со земја. Снмките од воздух покажуваат штети од огромни размери предизвикани од лизгањето на земјиштето.
Без струја се три милиони жители, а најголемиот дел од нив се од престолнината Сапоро, во чија близина е и епицентарот на земјотресот. И нуклеарната централа Томари, која се наоѓа на островот остана без струја, но засега нема забележан пораст на радиокативноста. Пожар избил и во петрохемискиот комплекс Мурорану, но брзо бил изгасен. Откажани се 200 авионски летови, што директоно погоди околу 40.000 патници.
Премиерот Шинзо Абе соопшти дека владата веќе формирала кризен штаб за координација во спасувањето и помошта. Најави дека 25 илјади војници ќе бидат испратени на погоденото подрачје за да помогнат во спасувањето.
Ова е прв земјотрес од 1996-та година на островот Хокаидо, кој е посилен од шест единици по рихтер.
Властите предупредуваат за афтер-шокови до крајот на неделата и апелираат до граѓаните да бидат внимателни. Од метеоролошката агенција велат дека по вакви силни земјотреси, обично по три дена се очекуваат и други потреси со сличен интензитет.
Овој земјотрес следува по силниот тајфун кој ја погоди земјата и уби десет луѓе, а 340 се повредени. Јапонија е едно од најактивните сеизмички подрачја во светот со околу 20% од земјотресите кои се посилни од шест рихтерови степени.