На градското пристаниште ќе се одржи празничен ватерполо турнир
На градското пристаниште, викендов ќе се одржи празничен ватерполо турнир. На Денот на независноста ватерполисти од неколку македонски клубови ќе имаат ревијален турнир. Истовремено спортскиот настан ќе има и хуманитарен карактер.
Во сабота и недела на градското пристаниште ќе се игра ватерполо. Силите ќе ги одмерат ватерполисти од неколку македонски клубови. Ватерполистите од скопските клубови Вардар, Младост, Студент, Струга од Струга, Челични од Штип и ветераните од ПК „Охридски бранови“ ќе не потсетат на овој спорт кој се играл во минатите времиња. Локалната самоуправа се залага за развој на сите спортови во градот, а меѓу спортските активности и за враќање на ватерполото во Охрид, велат од одделението за спорт.
„Овојпат се определивме за ватерполото, да ги разбрануваме спомените на овој убав спорт кој во минатото беше прв избор на младите кога сакаа да се занимаваат со спорт“, вели Ванчо Јованоски од одделението за спорт при ЛС.
На ревијалниот ватерполо турнир ќе земат учество 40-тина ватерполисти. Натпреварите ќе се одиграат на градското пристаниште каде што ќе се постави целосна ватерполо опрема. Првите натпревари ќе се во сабота во 16 часот и во недела во 12 часот, информира Кочо Паскали поранешен ватерполист од ПК Охридски бранови.
„Да поттикнеме Локалната самоуправа во рамките на ингеренциите да го врстиме ватерполото и да ја вратиме сликата за едно пливалиште кое му недостасува на градот, пред Палас, каде што беше и едриличарскиот клуб Стрмец и градската плажа. Тоа би било расадник за едукација на младите и збогатување на спортските активности во градот“, вели Паскали.
Спортскиот натпревар ќе биде пропратен и со хуманитарна акивност од волонтерите на ОО ЦК. Граѓаните истовремено може да навиваат и да бидат хумани. На собирни пунктови може да донираат средства за сограѓаните од социјално ранливите категории.