Охрид го одбележа Денот без автомобили
Општина Охрид се вклучи во одбележување на „Европската недела на мобилност“. Денешниот ден беше прогласен за Ден без автомобили. Низ охридските улици основците и средношколците возеа велосипеди, а беа доделени и вредни награди за учесниците во велосипедското дефиле.
Охрид го одбележа Денот без автомобили. Општина Охрид е дел од семејството на градови кои го одбележуваат Денот без автомобили во рамките на „Европската недела на мобилност“. Утрово, вработените во локалната самоуправа дојдоа на работа пеш или со велоиспеди, а од одделението за животна средина одржаа предавање на тема Мултимодалност –„Комбинирај и движи се“. Низ охридските улици се одржа и велосипедско дефиле . Од името на Локалната самоуправа заменик градоначалникот Константин Георгиески упати порака до граѓаните.
„Со мудро одбирање на секојдневниот превоз се заштедува домашниот буџет, се чува животната средина и се промовира здрав начин на живеење. Со секојдневната употреба на велосипедите градот ни станува поопуштен, без врева и нервоза, а одењето на работа и прошетките стануваат задоволство“, напомена Георгиески.
Локалната самоуправа постојано се труди да го зголеми бројот на велосипедски патеки, а со новата стратегија за сообраќај ќе настојува и понатака да ја подобрува патната инфрастуктура за возење на велосипеди низ градските улици. Со одбележувањето на „Европската недела на мобилност“ и Денот без автомобили се сензибилирзира јавноста за штетноста од издувните гасови, загaдувањето на животната средина и негативните импликации врз здравјето на луѓето.
„Целта на Европската недела на мобилност е да се развие дијалог за сите засегнати страни за различни аспекти на движење, мобилизирање да се предлагаат и тестираат иновативни сообраќајни решенија, нови техники или мерки за планирање на урбанистички решенија за да се намали употребата на автомобили и да се редуцира емисијата на штетни гасови во воздухот“, рече Хавза Реџеп Каќел од одделението за животна средина при ЛС при одржување на презентацијата на тема Мултимодалност –„Комбинирај и движи се“ .
Јасминка Момироска од одделението за животна средина информираше дека годишно 7 милиони луѓе умираат од компликации од загадениот воздух. 91 посто од популацијата во светот живее во области каде што квалитетот на воздухот е понизок од препораките на Светската здравствена организација. Таа како алтернативни превозни средства кои имаат позитивно влијание врз околината и здравјето ги посочи велосипедите.
„Ако сакаме велосипедизмот да стане прикладен начин на движење во нашиот град потребно е заедно да работат планерите и проектантите, органите надлежни за безбедност и велосипедизам. Урбанистите, во минатото, а за жал и денес, градовите ги планираат и обликуваат да им бидат во служба на моторните возила“, рече Момироска.
Велосипедското дефиле се одвиваше по охридските улици по одредена маршрута. На крајот следуваа награди за учесниците во дефилето ,а најсреќниот учесник доби подарок велосипед.