Дивата депонија Мауцкер од утре ќе се покрива со земја
Дивата депонија Мауцкер од утре ќе се покрива со земја. На истата локација ќе продолжи депонирањето на градежен шут за да се спречи создавањето на диви депонии низ градот. Проценките од пред две години покажаа дека се потребни пола милион евра за нејзино чистење, а во меѓувреме оваа сума е во пораст.
Дивата депонија на Муцкер, која „изникна“ во близина на северниот влез од Охрид, од утре ќе почне да се покрива со земја. Од Министерството за животна средина најавија дека имаат програма со која ќе ги расчистуваат дивите депонии. Градот пред 10 година наместо да добие слободна економска зона доби во непосредна близина еколошки загадувач за која сега нема пари да ја дислоцира депонијата.
„ Ние го пратиме европскиот концепт за регионално управување со депониите и производство на енергија од нив. Тие европски вредности ќе доминираат во конечната одлука. 99 посто од општините ни ги доверија ингеренциите за распишување на тендер за расчистување на депониите во 4 региони. Во МЖС преземаме активности за чистење на неколку диви депонии во Македонија меѓу кои и депонијата на влезот во Охрид, ќе ја опфатиме и неа со оваа програма“, најави заменикот министерот Јани Макрадули.
Од Јавното претпријатие Охридски комуналец информираат дека е завршена постапката за избор на фирма која ќе почне да ја расчистува депонијата на Мауцкер. Активностите почнуваат од утре, вели Љупчо Грданоски директор на ЈП Комуналец.
„Во тендерот е предвидено 16.000 метри квадратни порамнување на градежен шут. Набавка и утоварање на 2500 метри кубни квалитетна земја, а истата таа земја машински ќе се порамнува на 7000 метри квадртани. Ќе се утовара и транспортира градежен шут на 5000 метри квадратни, со што шутот ќе се распореди на површина од 500 метри.Тие биле условите од Министерството за животна средина кој треба да ги исполни избраната фирма на тендерот“, посочува Грданоски.
На истата локација ќе продолжи депонирањето на градежен шут затоа што нема друга слободна локација за да се спречи создавањето на диви депонии низ градот, вели Грданоски. Граѓаните мора да имаат алтернатива, а градот не е во можност да најде друга локација за да се одлага шут. Во договор со локалната самоуправа ќе се планира што понатака ќе се прави со таа локација. Една од можностите е да се набави дробилка за преработка на градежниот шут, напоменува Грданоски.
Пред две години, беа направени проценки за депонираната количина на отпад и потребните средства за расчистување на отпадот. Тогашните проценки покажаа дека се работи за огромни количини депониран комунален отпад и градежен шут во износ од околу 40.000 кубни метри , а за кој биле потребни 500.000 евра за расчистување.
Во меѓувреме оваа сума е во пораст.