Охридското стопанство има потреба од сите стручни профили
Охридското стопанство има потреба од сите стручни профили, но нема интерес за работа кај младите кадри. Без одзив остануваат многу често огласите за работа за најразлични профили од високо или средно стручно образование. На евиденцијата за вработување во зимскиот период се намалува бројот на активните за сметка на пасивните баратели на работа .
На пазарот на труд се чувствува недостаток од сите профили. Охридското стопанство е гладно за одредени стручни кадри со високо техничко образование, но и среднисти и занаетчии. На пазарот на труд има потреба од електротехничари, градежни работници од повеќе профили , заварувачи, машински инжинери, вели Маја Биткоска Ташковска директор на Агенцијата за вработување.
„ Има голема побарувачка за возачи но и нив ги нема на пазарот на труд. А побарување има. Владее незадоволство од понудената плата особено кај возачите кои возат во странство“, вели Биткоска Ташкоска.
Недостасуваат и високо стручни профили, како што се доктори, технолози, машински инжинери посебно од цнн струката. Во земјава се суфицитарни стоматолозите, но во Охрид се реткост невработени стоматолози. Но, ретки се и други стручни профили .
„ Има голема побарувачка за фармацевти и за земјоделски инжинери. Барани се на пазарот на труд, но ги нема. Некои се несоодветно вработени и треба да се направи баланс на стручните лица да се ангажираат според стручниот профил “ , појаснува Биткоска.
И понатака на пазарот на труд има вишок економисти, правници и од Факултетот за туризам и угостителство . Доколку изразат желба потребна е нивна доквалификација или преквалификација за да се вклучат на пазарот на труд. Во зимскиот период на евиденцијата за вработување се намалува бројот на активните баратели на работа. Mладите се снаоѓаат и заминуваат на различни сезонски работи во странство. Со тоа уште повеќе се зголемува потребата од работна сила во најразлични дејности на домашниот пазар на труд, нагласува Маја Биткоска Ташкоска.