Потребна едукација за производители на зеленчук и овошје
Земјоделците и овоштарите тешко ги менуваат навиките за примена на соодветни агротехнички мерки. Повеќе од потребни се стручни предавања со кои ќе се подобрува производството на здрава храна и ќе се заштити почвата. Купувачите се повеќе бараат здрави земјоделски производи.
Тешко се менуваат производните навики на земјоделците и овоштарите во примена на третмани на земјата и културите. Ретки се прозиводителите на здрава храна кои се едуцирани како правилно да одгледуваат земјоделски и овошни култури со примена на природни и органски ѓубрива. Гордана Ристоска на 800 метри квадратни под пластеници одгледува раноградинарски култури , претежно домати и пиперки. Прима совети од стручни лица и разменува знаења со поискусни земјоделски производители. Таа напоменува дека внимава во изборот на препаратите за третирање на производите и почвата.
„ Побарувачката е голема не можеме да постигнеме. Луѓето го знаат поднебјето , имаме мали количини. Не употребуваме хемиски туку природни препарати“, напоменува Ристоска.
Ристоска е меѓу поретките земјоделски производители во охридско која постојано се едуцира. Ванчо Стојаноски, земјоделец и овоштар, вели дека се потребни стручни предавања за земјоделците и овоштарите кои ќе добиваат знаење од агрономијата. Досегашните искуства покажале дека трибините кои ги организирале преку здружението „Охридска черешна“ не биле доволно посетувани од страна на охридските земјоделци и овоштари, укажува Стојаноски.
„ Проблем кај нашиот човек е табиетот. Земјоделците не сакаат да прифатат нешто ново .Има практики во земјоделството за да се употребуваат што поздрави препарати. Денес со новите технологии и техники во земјоделството и науката ќе се дојде до поздрави производи и до намалување на трошоците на произвдоство. Нашиот човек тука затајува. Тешко се прифаќаат новините , нашиот човек е тешко да го организираш за да дојде на трибините“, кажува Стојаноски.
Ванчо Стојаноски посочува дека 70 проценти од загадувањата на планетата земја се должат на лошите тактики и примени во земјоделстовото и овоштарството. Охридското поднебје има одлични климатски услови и незагадена почва кои може да се искористат во производство на квалитетна и здрава храна , потреби се само едуцирани и организирани производители на зеленчук и овошје.