Советниците од двата блока не дадоа зелено светло за висококатници во центарот на Охрид
Пред охридските советници денеска се најде усвојување на нацрт урбанистички план, за прв пат во овој состав на советот. Советниците од двата блока не дадоа зелено светло на неколку згради во центарот на градот да се доградуваат катови. Градоначалникот кажа дека нацрт планот е започнат од претходните локални самоуправи , а сега нивна должност е она што го зацртал планерот да го стават на расправа во Советот.
За прв пат по една година од формирањето на новата постава на ЛС пред советниците беше ставен на усвојување нацрт урбанистичкиот план за УЗ 2, УБ 2.3 , опфат 5 КО Охрид 3 за планскиот перид 2013-2018. Планерот со нацрт урбанистичкиот план предлага на постојните објекти да се доизградат катови. Советниците од Вмро Дпмне реагираат дека доколку се усвои нацрт планот ќе се овозможи изградба на висококатници кои пак ќе имаат урбана деградација во строгиот центар на градот.
„Ние како град треба да имаме Стратегија за урбанизмот во градот. Ова точка што е денес на дневен ред нема да ја поддржиме“, изјави Кирил Пецаков координаторот на советничката група.
Константин Георгиески, координаторот од советничката група на СДСМ, упати јасна порака дека нивната советничка група нема да даде зелено светло за овој нацрт урбанистички план. Кажа дека станува збор за објекти во строгиот центар на градот каде што на стар опфат е изградена зграда со локална планска документација.
„ Ова треба да е порака до службите во урбанизам и инвеститорите во Охрид дека заврши ерата на доцртување , поткусурување, правење на разни шеми. Планот ќе остане таков каков што беше со наше напатствие да остане 5 плус 3 плус поткровје“, потенцира Гергиески.
За нацрт урбанистичкиот план за катастарскиот опфат во центарот околу општинската зграда, се произнесе и Градоначалникот. Јован Стојаноски истакна дека овој нацрт план е започнат од претходните локални самоуправи. Сега како ЛС се должни она што го зацртал планерот да го стават на расправа во Советот.
„ Дури и да се усвои нацрт урбанистичкиот план во јавна расправа може да се побараат измени, градоначалникот може да го отфрли или прифати планот. Не плашете се дека ќе отстапиме од она што го зацртавме како ЛС. Тоа е да нема засилена урбанизација и да постои склад меѓу напатствијата на Унеско. Не сакаме да го стопираме урбанистичкото планирање на граѓаните. Урбанизмот, секогаш сме кажувале и сега и во опозиција, урбанизмот е цивилизациски процес и придобивка на граѓаните кој мора да следи“, напомена Стојаноски.
На денешната 17 седница на Советот советниците покрај оваа точка од урбанизмот расправаа и за други теми на обемниот дневен ред кој содржеше 64 точки. Советниците гласаа за извештаите за реализација на развојните програми за третиот квартал од годинава од повеќе области, прифатија донација – специјално товарно возило „пајак“ и преземање на водоводот од МЗ Долно Лакочереј и отстапување на МЈП „Проаква“.