Вработените во охридските училишта добија плата за октомври
Одблокирани средствата за плата на вработените во охридските училишта. После политичките препукувања околу одговорноста за проблемот во пресметувањето на платата на секретарите во училиштата што доведе до блокирање на трансферот на средства на барање на министерството за образование, денес од општината кратко инфоримараа дека недоразбирањето со ресорното министерство било надминато.
Вработените во 12 охридски основни и средни училишта денеска ја добија октомвриската плата. Исплатата беше блокирана откако Министерството за финансии не ги префрлило потребните средства за плати на сите вработени во училиштата поради проблем во пресметувањето на платата на секретарите во училиштата. Имено со одлука на совет донесена во април годинава платите на секретарите се пресметувале според Законот за административни службеници а не според колективен договор како дотогаш. Министерството за образование на ваквиот метод на пресметка изреагирало дури во месец октомври кога со допис ја известило општината дека платата на вработените во училиштата треба да се пресметува врз основа на Колективниот договор.
„
Ние ќе бараме толкување на законот во Собранието на Република Македонија, а во меѓувреме подготвени сме да изготвиме пресметки според старата методологија, се со цел вработените во образованието да ги добијат личните примања. “ беше одговорот на локалната по блокирањето на трансферот на средства за плати.
Од ОК на ВМРО ДПМНЕ вината за случувањата во образованието ја адресираа кај Градоначалникот Јован Стојаноски и пратеничката од Охрид Жаклина Лазареска која од неодамна е претседател на парламентарната Комисија за образование. На тоа пак, од охридскиот огранок на СДСМ реагираа дека во донесување на одлуката спротивна од Колективниот договор за основното и средното образование годинава на седница учествувале сите советници во Советот на општина Охрид и не било коректно прстот за вина да се вперува само во СДСМ.
„ОК на ВМРО ДПМНЕ од Охрид премолчува дека и нивните советници гласале ЗА одлуката, што е факт и лесно може да се провери, а не МОН, Лазареска и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски да се повикуваат на одговорност за тоа. Во рамките на своите ингеренции СДСМ и надлежните потегнаа проверка на фактичката состојба за што побрзо да се лоцира и реши проблемот. Грешката е направена а штетата ја трпат сите вработени во основните и средните училишта во општина Охрид.“
Од ВМРО ДПМНЕ стојат на ставот дека грешката повлекува вина и бараат да се сноси одговорност за она што им се случува на вработените во оброзаванието во Охрид.
„Граѓаните треба да знаат дека според Деловникот на Општината и член 34, став 1 од Статутот за контрола на законитоста на прописите кои ги носи советот дека задолжен е Градоначалникот. Додека за законитоста на предлог прописите кои доаѓаат на совет задолжени се предлагачите. Со какво лице признават дека донесувањето на одлуката е спротивна од Колективните договори за основно и средно образование, а се оградуваат дека за оваа грешка најмалку се одговорни токму главните партиски фукционери од СДСМ? Тоа што го трпат сите вработени во образованието не е грешка, ниту недоразбирање – туку вина која треба да повлече одговорност за недоследностите.“ – Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО ДПМНЕ.
Од Локалната самоуправа велат дека недоразбирањето со ресорното министерство било надминато. Но не откриваат по која пресмета е исплатена октомвриската и како ќе се исплаќаат идните плати.