Skip to main content

„Дојди во Охрид“- прва антологија на песни за Охрид

Во рамките на чествувањето на 8-ми Декември, Денот на Св. Климент Охридски Патрон на градот, денеска беше промовирана антологијата на песни за Охрид. Поетската антологија „Дојди во Охрид“ ја приредија проф. др Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорѓо Димоски, а е во издание на Општина Охрид.

 |   | 

Во мугрите кога ги растури исток
по небото темно златестите зракој;
штом сонцето тргна проблеснато, чисто,
по пресните следи на ноќта и мракот;
езерните далги во утринен блесок
го гушкаат мило крајбрежниот песок,
– тогаш дојди в Охрид!

Со овие стихови на Гане Тодоровски започна промоцијата на првата антологија на песни за Охрид насловена според истоимената песна на поетот „Дојди во Охрид“. Авторите на антологијата Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски внимателно склопиле поетски мозаик посветен на градот на писменоста и светлината, на езерото, на поднебјето и охриѓани од Светклиментово време, преку Миладиновско – Прличевиот сенароден подвиг до ова наше денешно време.


Тие со својата уметничка дарба и со своето извонредно чувство за селективност успеале во оваа книга да ги врамат речиси сите песни за Охрид, од дамнина па до денес, не само од автори кои потекнуваат од Охрид и Македонија, туку и од странство, или според насловот на посебниот дел од книгата „Поетите од светот за Охрид“– кажа промоторот на делото,  проф д-р Димитрија Ристески.

Во антологијата се поместени песни од 90 поети од кои 30тина се познати поетски имиња од странство.  „Дојди во Охрид“ содржи само мал избор од песните посветени на Св Климент Охридски и Григор Прличев затоа што тие сами по себе претставуваат вовед во нови антологии, велат приредувачите на оваа значајна антологија.


Кога решивме да го правиме овој проект и на едно место ги собравме сите песни самите бевме вчудоневидени колку е тоа културно богатство огромно , колку поети посветиле песни на Охрид. Ова што е сместено во оваа антологија не е се`.“– Славе Ѓорѓо Димоски.

Не е мал бројот на поетите од светот кои што дошле во Охрид и кои што тука започнале и да пишуваат и творат и коишто  можеби своите најдобри дела ги создале токму во Охрид и за Охрид. “– проф. д-р Димитар Пандев

Приредувачите изразија благодарност до градоначалникот Јован Стојаноски и Општина Охрид кои го овозможија издавањето на антологијата. Градоначалникот пред поетите, директорите на училиштата и други установи и институции, политичари и претставници на  јавниот живот присутни на промоцијата истакна дека сака да се обрати до учениците кои беа во големата сала на општината но и до сите млади луѓе.

„Вие не сте обични деца. Вие сте деца на Св Климент. Вие сте растени во ова поднебје кое отсекогаш било одлика на писменоста и почитувајте го ликот и делото на Св Климент. Ве повикувам , во секоја можна прилика прочитајте една книга плус. На таков начин вие се борите за оваа држава и за овој град.“– им порача на младите градоначалникот Стојаноски.

На промоцијата градоначалникот Стојаноски додели примероци од  антологијата “Дојди во Охрид“ кои ќе се најдат во библиотеките на охридските училишта и градската библиотерка „Григор Прличев“ со што делото ќе биде достапно за граѓаните љубители на поезијата.