Пешаците најчести жртви во сообраќајните незгоди
Пешаците најчести жртви во сообраќајните незгоди. Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот заедно со СВР Охрид денес спроведе превентивна акција во која ги едуцираше пешаците, но и возачите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Околу 25 отсто од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди во државава се пешаци. Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата наведуваат дека ваквиот загрижувачки податок се должи на тоа што голем дел од пешаците не се свесни дека и тие се активни учесници во сообраќајот па ги прекршуваат сообраќајните правила.Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Охрид, активно се вклучува во кампањата на Републичкиот совет за поголема заштита на пешаците во сообраќајот „Без изговори-без оправдувања“.
Дел од пешаците драстично ги кршат одредбите на Законот за безбедност во сообраќајот. Улицата ја преминуваат надвор од пешачките премини, најчесто таму каде што ним најмногу им одговара, каде што им е најкраток патот, го претрчуваат коловозот, прескокнуваат жардиниери и огради, претрчуваат на црвен пешаЧки семафор. И со тоа ја загрозуваат безбедноста и на останатите учесници во сообраќајот, вели Стефан Димоски, претседателот на Општински совет за безбедност во сообраќајот.
Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост, во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини. Анализите покажуваат дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем.
Апелираме и до пешаците да ги почитуваат правилата и да внимаваат да не предизвикуваат опасност во сообраќајот и да ја преминуваат улицата исклучиво на пешачки премин, вели Митко Печоски, сообраќајна полиција од СВР Охрид.
РСБСП апелира и до возачите дека нивна обврска е секогаш да се движат со особено внимание кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината, да застанат и да ги пропуштат пешаците на пешачкиот премин, но, како што велат, тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право први да ја преминат улицата. Напротив, тие се должни да ја преминат улицата, откако ќе се уверат дека тоа може да го направат без да го загрозат својот живот, но и безбедноста и животот на возачите кои им доаѓаат во пресрет.Во Македонија годинава, заклучно со септември, повредени се 626 пешаци, а загинати 17 пешаци.