Престојните празници ќе донесат многу гости во Охрид и Струга
Охридските и струшките хотелски сместувачки објекти најавуваат одлична посетеност за престојните новогодишни празници. Речиси сите капацитети се веќе закупени, традиционално најбројни и оваа година се гостите од соседните држави, но ќе има и гости од западноевропските земји.
Престојните празници ќе донесат многу гости во Охрид и Струга. Најбројни и оваа година ќе бидат гостите од Србија и Бугарија, но ќе има и од Албанија, Грција и западноевропските земји. Туристички работници задоволни од најавената посетеност. Најголемиот број хотели и приватни апартмани се веќе резервирани.
Исполнетоста е добра и тоа е показател дека цените на хотелите и рестораните се коректни. Е сега има некои гости на кои им се високи, а има и такви на кои им се ниски. Но, ако аранжманите се добро продадени тоа значи дека се коректни, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Хотелите на охридската ривиера нудат новогодишни аранжмани од два до пет дена, а цената зависи од категоријата и времетраењето на престојот. Тридневните аранжмани на база полупансион чинат од стотина до 160 евра, со вклучен дочек на Новата година и богато мени. Хотелите „Метропол“ и „Белви“ се целосно закупени, со гости претежно од Бугарија, во помал број од останатите земји од Балканот. Тридневните аранжмани во двата хотела чинат 149 евра, со вклучена свечена вечера за дочекот на Новата година. Капацитетите на хотелот „Инекс“ досега се закупени над 85 отсто, со гости претежно од соседна Грција, како и домашни туристи кои за сместување на база полупансион дневно ќе платат од 35 евра. Исполнет е и хотелот „Дрим“ кој уште пред еден месец бил закупен 90%. Десет проценти од капацитетите се чувале са редовни гости кои традиционално во овој хотел ја дочекуваат новата година. Цените се движат од 130 до 150 евра за различните пакет аранжмани.
Би рекол да имавме уште сто соби и тие би се продале. Ние правиме еден интересен пакет за странските гости. Секоја година први јануар организираме доручек-ручек на плажа, вели Блажески.
Цените за прославата на новогодишната вечер во охридските ресторани пак, се движи од 25 до 50 евра. Некои од рестораните во Охрид ќе работат стандардно, со мени „а ла карт“ . И во охридските кафулиња и ноќни клубови ќе има забава до раните утрински часови.