Студенскиот дом Никола Карев станува се попривлечен за туристите
Со цел да се искористат капацитетите во недостаток на студенти вратите на домот се отворени за комерцијално работење. Се очекуваат гости и за празникот Водици.
Вратите на државниот студенски дом „Никола Карев“ се отворени за комерцијално работење и во зимскиот период. За гостите домот е привлечен во летните месеци, но се повеќе е баран и во зима. Гости имаше и за новогодишните празници, а сега се очекуваат и за празникот Водици. Голем е интересот за сместување во домот од домашни гости, но се прават обиди да се привлечат и странски гости, информира директорот на домот Жарко Куциноски.
„Среќа имаме што студенскиот дом е во Охрид , а другите студенски домови во земјава кубурат со финансии. Колку толку ќе се обезбедат и покријат трошоците за да може да преживееме во зимскиот период“, напоменува Куциноски.
На овој начин, Студенскиот дом остварува дополнителни приходи, покрај, оние од сместување на студентите. Плановите на менаџерскиот тим се привлекување на што поголем број гости не само во зима туку и во летниот период.
„ Нашиот студенски дом е даден на туристичките агенции во Охрид за продажба во летните месеци. Преку нив ќе се продаваат сметувачките капацитети и надвор од Македонија,“, вели Куциноски.
Во насока на подобрување на сместувачките капацитети на објектот наскоро ќе се реализира проект на Министерството за образование и наука за менување на догромата. Студенскиот дом Никола Карев на располагање има 231 легло, а во моментов студентите користат 112 легла.