Новиот Закон за зелените пазари го доведува во прашање опстојувањето на охридскиот пазар
Новиот Закон за зелените пазари го доведува во прашање опстојувањето на охридскиот пазар. Законот предвидува пензионерите, вработените или пак луѓе кои остваруваат некакви хонорари да не можат да продаваат производи на пазарите. Од ЈП „Градски пазар“ неодамна направиле сондажа колкав е процентот на лица кои имаат закупено тезга на охридскиот пазар, а кои според новиот закон не ќе можат да работат. Податоците се фрапантни.
Новиот Закон за зелените пазари, кој стапи на сила од 1 јануари оваа година, го доведува во прашање опстојувањето на охридскиот пазар и на јавното претпријатие кое се занимава со оваа дејност. Со неговото донесување се бара пазарџиите да обезбедат лиценца за работа која чини 3.600 денари, а за втора тезга треба да се платат дополнителни 2.400 денари, што претставува голем проблем за буџетот на пазарџиите. Законот предвидува пензионерите, вработените или пак луѓе кои остваруваат некакви хонорари да не можат да работат. Од ЈП „Градски пазар“ неодамна направиле сондажа колкав е процентот на лица кои имаат закупено тезга на охридскиот пазар, а кои според новиот закон не ќе можат да работат.
Тоа беше фрапантна бројка бидејќи во охридскиот пазар некаде околу 30% се онаа категорија на продавачи кои со новиот закон не ќе имаат право да закупат тезга. На ниво на Македонија имаме до 50, а на некои пазари и до 70% што значи згаснување на дејноста и затварање на цели пазари во Македонија, вели Кристина Крлеска Деспотоска, директор на ЈП Градски Пазар.
Охридскиот пазар се приклучил во реакциите кои биле испратени до надлежните институции. Преставници на ова јавно претпријатие биле на разговор кај министерот за економија, биле и кај пратеници во Собранието. Дале предлог да се одложи законот и да се анулираат сите негови недостатоци кои ја попречуваат работата на пазарџиите и на пазарите. Охридскиот пазар, доколку се имплементира законот, многу лесно може да згасне бидејќи јавното претпријатие не ќе може да опстојува.
Сметам како директор , а и од се она што досега го имавме како контакти законот ќе се пролонгира, бидејќи не треба да биде на штета на граѓаните и на претпријатијата,а всушност ваквиот закон ќе биде и на штета на државата бидејќи пазарџиите плаќаат даноци од кои се полни државната каса, објаснува Деспотоска.
Деновиве голем дел од пазарџиите во државава протестира поради измените во Зајконот. На охридскиот пазар немаше прекин во работењето, но револтот кај пазарџиите е очигледен. Моментално на пазарот се закупени 160 тезги. Доколку се спроведе законот, од нив нема да останат ниту половина. А за ситуацијата да биде уште понелогична Охрид за брзо време треба да го добие затворениот зелен пазар кој се најавуваше години наназад. Неговото отварање е најавено за во текот на месец март. Но по се изгледа сега ќе имаме пазар, ама ќе нема кој да продава во него.