Skip to main content

Со планинската трка „Охрид треил“ градот добива нов спортски настан

Убавините на Национачниот парк  Галичица ќе се искористат во продолжување на  туристичката сезона. Организаторите имаат амбиции трката да прерасне во меѓународна спортска манифестација која кај нас е во подем , а во светот е присутна 15 година. 

 |  Валентина Неловска  | 

Промовиран новиот спортски настан Охрид треил. Станува збор за комбинирана трка и пешачење низ определени предели во НП Галичица во должина од 60 км и 35 км. Учесниците ќе трчаат на големата трка 12 часа , а на малата 9 часа. Охридската Асоцијација за спортови „ Спорт за сите Сите за спорт“ и Здружението „Трекс“ со поддршка на Локалната самоуправа ќе го организираат овој спортски настан во месец мај. Организаторите имаат амбиции планинската трка да прерасне во меѓународна спортска манифестација, напоменува Дејан Крле од Здружението Трекс.

„ Планинското трчање е мешавина од планинарење и трчање на долги патеки во природа , најчесто во Национални паркови, заштитени зони , природни резервати и места кои изобилуваат со ретки убавини.Тоа го применуваме во Охрид“, истакна Крле од здружението Трекс.

Како страствен вљубеник во планината и спортот целосна поддршка за спортската манифестација доаѓа и од в.д градоначалникот Константин Георгиески. Георгиески важи за најголем планинар меѓу македонските градоначалници, а за Галичица вели, е најубавата планина на светот, која има душа и дава чувство на слобода. Планината треба да се искористи во насока на привлекување на младите луѓе да ја сакаат приордата, спортот и здравите животни навики, напомена Георгиески.

„Ние ако сакаме да ја продолжиме туристичката сезона во Охрид мора да ја заживееме планината. Ова е правиот начин не со ски центри и мегаломански проекти туку со развој на алтернативни спортови, планинарење, хајкинг, турно скијање , во лето велоспипедизам. Моја заложба е ако сум на ова место на лето да направиме една велосипедска тура“, рече Георгиески.

Треил трката ќе се одвива низ Националниот парк Галичица. Среќни сме што ја имаме Галичица и нејзините природни убавини во непосредна близина на Охрид , истакна Иван Цветкоски од Асоцијацијата за спортови Спорт за сите.

„Галичица ни овозможува да организираме спортски настан, да ја популаризираме и да донесеме луѓе од нашиот град да ја почитуваат, да ја заштитуваат. Апелираме функционерите да се фокусираат на Галичица и на планинскиот туризам со цел нашите деца да градат традиција за дружење со планината“, истакна Цветкоски од Асоцијацијата за спортови Спорт за сите.

Трките ќе се одржат на 25 мај, а пријавувањето  започнува од  1  февруари. Заинтересираните може да се пријават и да ги пронајдат сите потребни информации за трките на официјалната веб страна на „Охрид Траил“. Треил трката е спортска дисциплина која во светот е во подем 15-тина година. Од 2011 година во Македонија се организираат неколку треил трки како што се Крали Марко треил во Прилеп, Струмина Треил во Штип, Церипашина на Попова Шапка и Водно – Матка Скопје.