Skip to main content

Науме Јованоски претендира да биде кандидат за градоначалник

Науме Јованоски, поранешниот претседател на ОО на СДСМ од Охрид денес официјално објави дека претендира да биде кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на партијата, на претстојните вонредни локални избори. Тој зборуваше за неговите проекции и визијата за натамошниот развој на Охрид како туристичка, културна, духовна метропола.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Науме Јованоски, поранешниот прв човек на ОО на СДСМ од Охрид денес на прес конференција ги обзнани своите амбиции да биде кандидат на СДСМ за градоначалник на Охрид на претстојните вонредни локални избори. Одлуката да влезе во трката за градоначалник ја донел и поради блискоста и вербата во актуелното раководство на СДСМ и Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

Дополнителен мотив да се кандидирам за одговорната функција е фактот што, во делот на организациската и теренска активност, имам одлично претходно искуство, добар тим кој ќе застане зад мене за заеднички да ја одработиме задачата, доколку за тоа добиеме поддршка од нашата матична партија – СДСМ, вели Јованоски.

Во неговите проекции и визијата за натамошниот развој на Охрид како туристичка, културна, духовна метропола се наведени: строга контрола на заштитениот крајезерски појас, зачувување на Студенчишкото блато, реализација на проекцијата на покојниот градоначалник Јован Стојаноски за уредување на кејот, формирање посебен тим на стручни и искусни лица кои ќе работат на проекти за пристап кон европските фондови, основање дирекција „Охридско културно лето“ која ќе го среди летниот хаос со манифестациите, преиспитување на намената на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник.
Изјава

За да влезам во изборната трка имам и личен мотив. Во целост се согласувам со политиките на премиерот на домашен и меѓународен план, особено на планот на зближување на соседните земји и народи, ги поддржувам и ќе работам на нивната реализација и афирмација, истакна Јованоски.

Во неговата визија, Јованоски го гледа Охрид и како летна политичка метропола и предлага градов да биде неформален центар на УНЕСКО градовите на Балканот, продолжување на контактите за конечно збратимување на Охрид со Дубровник, но и контакти и активности за збратимување со град под заштите на УНЕСКО во Грција.