Врачена Повелбата за најдобра поема за 2018 година
Врачена Повелбата за најдобра поема за 2018 година на Лауреатот Славчо Ковилоски. Авторот кажа дека е посебно почестен со наградата бидејќи да се продолжи делото на ловороносецот Григор Прличев е огромна чест и одговорност.
Денес во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше врачена Повелбата за најдобра поема за 2018 година. Лауреатот Славчо Ковилоски го доби ова престижно признание за поемата „Крале Марко по втор пат“ која ја пишувал повеќе години. Авторот кажа дека е посебно почестен со наградата бидејќи да се продолжи делото на ловороносецот Григор Прличев е огромна чест и одговорност.
Оваа награда Григор Прличев која се доделува за поема е единствена во македонската книжевност и е една од најзначајните награди воопшто во македонската литература. Така што ми е огромна чест и задоволство, но и обврска и понатаму да продолжам со создавање квалитетни дела, вели лауреатот Ковилоски.
Поемата како еден покомплициран вид на изразување преку пишан збор се помалку е застапена во книжевните кругови. Наташа Аврамоска, член на комисијата за доделување на наградата вели дека за жал секоја година се помал број на писатели се пријавуваат на конкурсот за најдобра поема. Посочува дека причини за тоа има повеќе како што е се помалиот интерес на издавачките куќи за печатење на поемите, но става акцент и на неопходноста од подигање на манифестацијата Прличеви беседи на едно повисоко ниво.
Треба повеќе да се популаризира самата манифестација и книгите од добитниците да бидат присутни во книжевната јавност. Тие книги во последниве години не се присутни, а она што е мотивација за да се пишува е и самата награда, но и нивниот стих да живее меѓу публиката, вели Аврамоска.
На свеченоста посветена на лауреатот Григор Прличев настапи и хорот при НУЦК „Григор Прличев“ со „1762 лето“. Свое обраќање имаше и претставник од општина Охрид, а присутните можеа да уживаат во артистичката изведба на наградената поема од страна на актерите Ивица Цонев и Павел Маслов.