ОУ „Григор Прличев“ го одбележа патронатот
Олга Прличева му подари на училиштето досега необјавена поема од нејзиниот дедо. На свеченостa беа врачени наградите за најдобрите поетски и ликовни остварувања на основците од ова училиште.
Основното училиште „Григор Прличев“ го одбележа патронатот со пригодна програма. На свеченоста присустуваа в.д градоначалникот Константин Георгиески, советници од ЛС и претставници од семејството Прличеви. На бистата на охридскиот и македонски поет и преродбеник беа положени ловров венец и цвеќе. Олга Прличева, внука на поетот, од името на семејството Прличеви му подари на основното училиште несекојдневен подарок.
„Необјавено слово на Григор Прличев. Тематски посветено на младоста. Професијата учител за Григор Прличев била најголемотo звање од сите професии кои ги работел и како поет и како културен деец. Учителството за него била мисија, посветеност и највисока должност“, рече во обраќањето Олга Прличева.
Училишниот хор и оркестар изведоа музички точки пред бројните гости, родители, наставници. Беа врачени и наградите на најдобрите ученици кои победија на литературниот и ликовниот конкурс. Офелија Петреска, директор на ОУ „Григор Прличев“ e задоволна од постигнатиот успех на учениците меѓу одбележувањето на двата патронати.
„Она со што се гордеам се успесите на учениците, макотрпната работа на наставниот кадар и поддршката на родителите. На сите општински, државни и меѓународни натпревари сме во самиот врв. Она што ме прави горда е тоа што ние сме потомци на Григор Прличев, кажа Петреска.
Осовременување на наставниот процес, постојана едукација на наставниците и привлечно катче за престој на учениците во школото се предизвиците во работата на директорот Петреска. Во моментов во Григор Прличев настава посетуваат 1.100 ученици.