Охридските лозари ја продолжуваат вековната традиција на Св.Трифун
Се поголем е бројот на млади луѓе кои подигнуваат нови лозови насади. Охридскиот регион некогаш важел за едно од најдобрите виногорја на Балканот, а охридските лозја раѓале квaлитетно грозје од кое се прозиведувало квалитетно вино.
Охридските лозари ја продложуваат вековната традиција на празникот Св. Трифун. Тие со убави желби и молитви ги закроија пенушките во лозовите насади и ги залеаја со вино. На Чекоштина лозов насад одгледува Ратко Савиќ. Тој пред повеќе од 3 децении на старо лозје засадил шпалир со нови пенушки од сортите прокупец и памит. За овој пензионер одгледувањето на лозјето е големо задоволство и рекреација, а на овој ден му започнува работата во лозјето се до бербата на грозјето.
„ Никогаш не сум го прескокнал овој ден да не дојдам во лозјето. Сега натежнале годините, но за тоа живеев. Тоа ми беше големо задоволство. Доброто вино почнува од овде, со првото режење. Лозјето е како читанка ако убаво го прочиташ и го негуваш добро и ќе роди. Мора да ја видиш прачката, секоја пупка дали е способна да роди или не. Онaа која не може да роди треба да се одстрани“, раскажува Савиќ.
Ванчо Стојаноски е дел од охридските лозари и овоштари кои го продложуваат вековниот ритуал со закројување на лозјето и го одбележаа празникот Св. Трифун. Кај нашиот народ останала традицијата да се крои лозјето на овој ден за да има добар и квалитетен род, вели Стојаноски.
„ За побериќетна година и повкусно грозје и вино. Не случајно во народната изрека се вели „Во виното е вистината“, а за здравјето на на човекот е добро една до 2 чаши вино да се пие природно , произведено грозје. Тоа е лек и здравје за човекот. Но, за луѓето се добри вакви мали имоти каде што ќе се рекреираат, ќе се среќаваат, ќе работат, режат и берат грозје, ќе се дружат во природа“, вели Стојаноски.
Господ ни го дал ова прекрасно поднебје, вели Ванчо Стојаноски и потсетува дека некогаш во Охрид постоела Винарска визба- Словин. Охридскиот регион важел за едно од најдобрите виногорја на Балканот, а охридските лозја раѓале квалитетно грозје од кое се прозиведувало квалитетно вино. Стојаноски , вели радува факот што се повеќе млади луѓе стануваат свесни за природните предизпозиции на регионот и подигаат нови лозови насади. Тоа дава надеж дека ќе се прозиведува квалитетно вино за домшаниот пазар.