Совест: Институциите потфрлија, на диво се гради минаре на Али Пашината џамија
Веќе една недела на диво се гради минаре без градежна дозвола, без статички проект на диво, обвинија денеска од Здружението на граѓани Совест. Тие две години бараат да се стопира проектот и да се преиспита одлуката за изградбата на 32 метри високото минаре на Али пашината џамија во охридската чаршија, кое ќе ја наруши визурата на градот.
Тоа што посочувавме две години за Али пашината џамија и минарето, еве се остварува. Институциите потполно потфрлија, се толерира дивоградбата, реагираат од Здружението на граѓани „Совест“ на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Од здружението во повеќе наврати потенцираа дека на џамијата се гради без добиено одобрение за градба. Градежните зафати на џамијата покажуваат дека повиците кои од Здружението досега во неколку наврати ги упатуваа за институционално решавање на ситуацијата пропаднаа во вода.
„Проблемот остана и за жал се продлабочува. Веќе една недела на диво се гради минаре без градежна дозвола, без статички проект на диво. Дали некој ќе ја запре дивоградбата или ќе треба да се радикализираат граѓаните и да ја земат работатат во свои раце кога ништо во оваа држава не функциоинира освен вечниот партиски интерес…дали некогаш ќе се слушнат граѓаните или само на избори. Како и да е не заборавајте…избори се ближат па за брзо ќе го слушните гласот на граѓаните!!!“, потенцираат од „Совест“.
Тие две години бараат да се стопира проектот и да се преиспита одлуката за изградбата на 32 метри високото минаре кое ќе ја наруши визурата на градот Охрид. Од Здружението лани предлагаа да се спроведе и референдум на кој ќе се утврди јавното мислење на охриѓани за изградба на минаре на Али- пашината џамија. „Совест“ минатата година на прес конференција обелодени дека ќе поднесе кривични пријави против сегашни и поранешни раководители на институции и установи од областа на заштитата на културното наследство и инспекциски органи.