Охрид ја одбележа годишнината од смрта на охридскиот гемиџија Марко Бошнаков
Овој млад револуционер го положил животот за Македонија. Понесен од идеалите и ентузијамот за саможртвување порачал по неговата смрт главата да му биде пренесена во Охрид. Неговиот завет е испочитуван, а денес неговата глава е положена во дворот на црквата Св. Константин и Елена.
Охриѓани ја одбележаа 111 годишнината од смртта на гемиџијата Марко Бошнаков. Се положи свежо цвеќе пред спомен обележјето на неговата родна куќа, а се одржа историски час за охридските основци во охридскиот Државен Историски архив. Славица Јанковска, раководител на Историскиот архив во Охрид зборуваше за ликот и делото на охридскиот револуционер кој се школувал во Солун и се приклучил на револуционерното движење за ослободување на Македонија од Османлиското ропство.
„Марко Бошнаков е еден од охридските напредни сили кој се приклучил на гемиџиите. Целта на нивното дејствување била да се скрене внимание на европските и големите сили кон Македонија и проблемите со кои се соочува земјата во тој период на турско ропство“,напомена Јанковска.
Покрај охриѓанецот Марко Бошнаков во групата гемиџии биле Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов млади луѓе на возраст од 18 до 22 години кои во 1900 година во Солун ја дигнале во воздух Отоманската банка, а извеле и низа акции со кои сакале да привлечат внимание од светската јавност. Сите четворица биле осудени на смрт, но подоцна казната била преиначена во доживотен затвор. Овие млади луѓе биле понесени од ентизијазмот и идеалите да се саможртвуваат за татковината. Историчарот Славчо Новески, помлад соработник во Историскиот архив, појасни од каде доаѓа името гемиџии со кои се нарекувала припданиците на оваа револуционерна група.
„ Називот гемиџии е поврзан со бродовите геми кои испловувале во пристаништата и не се враќел додека не ја завршат нивната работа. Според тоа младите ученици и студенти го прифаќаат терминот за идентификација на нивната група“, појасни Новески.
Марко Бошнаков бил роден во 1878 година во угледно охридско семејство, а починал на 15 февруари 1908 година во Мурзук , во либанската провинција Фезан. Порачал по неговата смрт главата да му биде пренесена во Охрид. Неговиот завет е испочитуван, а денес неговите посмртни делови се положени во дворот на црквата Св.Константин и Елена.