Skip to main content

Константин Георгиески ја стартува изборната кампања за градоначалник на Охрид

Ги повика охриѓани да дадат поддршка на идеите и проектите за подобар Охрид започнати заедно со прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски. За неговата предизборна програма кажа дека е базирана на реални основи и проекции за остварливи проекти за Охрид да продолжи да чекори напред.

 |  Валентина Неловска  | 

Константин Георгиески, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ во своето прво обраќање пред охриѓани потсети на пријателството, спомените и заложбите на Јован Стојаноски кој прерано замина од градоначалничката функција. Почувствував голема морална обврска и мотив да ги вложам сите мои човечки капацитети, сето мое искуство и време за да се борам и да го продолжам она што го започнавме заедно за доброто на Охрид и за доброто на охриѓани, истакна Георгиески кандидат за градоначалник на Охрид. Мојата предизборна програма е базирана на реални основи и проекции за остварливи проекти кои се од големо значење за охриѓани, но и за туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот најголем туристички центар. Потсети и на досега сработеното и меѓу значајните приоритети потсети дека со поддршка на Владата почна раздолжувањето на Општина Охрид бидејќи долговите и каматите со години го кочеа развојот на градот.

„ Процесот на раздолжување е во завршна фаза и тоа е еден голем успех за сите нас. Финансиската стабилност ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за општината, а ќе има повеќе средства за развојни и инфраструктурни проекти. Консолидацијата на јавните претпријатија беше исто така многу важна активност на која бевме многу посветени и со правилно менаџирање успеавме да обезбедиме услови за пораст на приходите и намалување на трошоците“, напомена кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ.

Константин Георгиески во своето обраќање истакна дека најважен приоритет е приспособување на постоечката урбана и рурална инфраструктура во функција на потребите на граѓаните. Во фаза сме на реализација на многу идеи и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина, а меѓу нив е заштита на еколошката средина, истакна Георгиески.


„ Донесена е владина одлука за формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги превземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем. Со ова очекуваме конечно да се реши горливото прашање за заштита на нашето најголемо природно богатство – Охридското Езеро. Тековно спроведуваме и идеи и планови за подобрување на условите за развој во туризмот, а кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени нови директни линии до Виена, Малме и Милано, а од јули стартуваат и редовните авио линии кон Дортмунд и Менинген.

Освен секојдневната посветеност на реализација на активности, воведовме и нов модел на отворена, услужна и транспарента локална самоуправа која подеднакво е посветена на сите граѓани. Кандидатот за градоначалник на Охрид , Константин Георгиески ги повика охриѓани заедно да ги поддржат идеите за подобар Охрид. Повторно заедно да продолжат напред за подобро утре, за подобри услови за живот на нашите деца, кои сакаме да ја градат својата иднина тука, до нас, во нашиот град.